Една од најубавите работи што и се има случено на македонската музичка сцена, несомнено е детскиот хор “Пиколо”, кој постои повеќе децении. Убава можност да се сретнеме и поразговараме со дамата која го основа и успешно го води, музичката професорка Весна Димчевска.
*На обострано задоволство да не посетите, или ако повеќе сакате ние Вас да Ве потсетиме на почетоците. Толку одамна, а како вчера да беше. Хорот постои 33 години.
-Можам со гордост да кажам дека детскиот хор „Пиколо“ при ДМБУЦ – И. Н. Луј- Скопје е формиран во 1988 година, од моја страна, и сѐ уште е под мое водство. Од почетокот, 15-тина години го водев со асистенција на професорката Снежана Димчевска. Составен е од учениците во училиштето, на возраст од 6 до 14 години. Инаку, кога го формирав, а и сега, сум професорка и предавам солфеж.
Хорот е државен, бидејќи е под ДМБУЦ, но многу работи се резултат на Ваша добра волја.
-Мене желбата ме водела цел живот. Колку пати ми дошло и да се откажам од многу други причини, ама ете таа желба да правам, да создавам ме одржува. Згора на тоа, ги сакам децата како битија. Свои лично немам и се што знам и умеам во професијата, вложувам во децата од хорот. Пред сѐ, како што реков, мојата добра волја. Во годините кога го почнував ми се случи и опака болест, паралелно додека се борев со неа на “мускули” на истерав сета работа, за да хорот се формира успешно, да застане на нозе и да продолжи со работа.
Навистина голема упорност и волја од Ваша страна, сѐ е тоа од љубов…
-Тука не се доаѓа за пари, секое дете што дошло да пее во “Пиколо” дошло од чиста љубов кон музиката. Не доаѓа ниту за слава. Буквално доаѓаат за пеење и од љубов кон мене, ете силна е таа синергија. Би сакала да изразам благодарност кон сите тие деца, исто така и за поддршката на директорката Даница Стојанова.
Во многу наврати Вашите ученици имаат освојувано и високи награди…
-Понекогаш ги праќам на натпревари, но само колку да ги мотивирам. Натпреварувањата делуваат позитивно кај некои деца, на некое дете му треба мотивација за да почне да работи. Но на ниеден натпревар не сум праќала по секоја цена, за да детето не биде оштетено ако оди таму, сум праќала од оние кои биле најдобри, за да добие прво место. Јас ќе дадам максимум, тоа ќе даде максимум и тоа дете има самодоверба за било што. Тоа се педагошки психолошки моменти, на кои јас како професорка морам многу да внимавам.
Секое дете кое изразило желба може да пее во “Пиколо”?
-Лажно не сум примила, подобро со време да не влезе во хорот отколку да доживее дебакл. Секој си има свој талент за нешто, и таму нека си се пронајде со време. А во хор се знае, талентот мора да е – музикалност, слух и добро пеење. Секоја година поставата на хорот се обновува, секогаш ги имаме отворено вратите за нови деца, со аудиција, но сега со коронава малку се изменија работите. А и ние не вежбавме како порано.
Имате премногу, но накусо кои се Ваши најуспешни настапи досега?
-На 9 јуни 1992 година учествувавме на Градскиот стадион на голем добротворен концерт за бегалците. На 5 ноември1992 година, “Пиколо” ја отвори „Мировната конференција“ во Охрид, во организација на Хелсиншкиот парламент, а по предлог и организација на “Меѓаши”. Програмата беше импресивна: G.F.Hӓndel-Д.БужаровскиL, asciach’iopianga (Да те оставам да плачеш) S.Bach- Ch.Gounod – Д.Бужаровски, Ave Maria…сме настапувале и на “Скопско лето”, на “Охридско лето” со “Ораториум”. Пред коронава хорот влезе во еден меѓународен музички проект од Лондон, за екологија, насловен “Резолушн”. Нашето темпо на настапи не е напорно и набиено, сѐ е релаксирано и за своја душа.
Соработката со Првата детска амбасада во светот “Меѓаши” е уште еден голем одблесок на слава на “Пиколо” .
-И тоа многу голем. Ние сме неразделни со Амбасадата. На 19 октомври 1992 година со одлука на Колегиумот, детскиот хор „Пиколо’’, станува колективен член на Детската амбасада, а таа година исто така, на покана од Детска амбасада и јас станав член на Колегиумот при истата, во времетраење од два мандати од по четири години.
Вашата соработка беше означена со успешен музички почеток.
-Така е. На 20 декември 1993 година, хорот направи тонски запис во МРТВ, на песната „Тивка ноќ“ – F.Gruber, во аранжман и изведба на синтисајзер, како и препев на македонски јазик, од композиторот Димитрије Бужаровски. А три дена подоцна, на 23 декември 1993 година, по повод божиќните и новогодишните празници, во соработка со “Меѓаши” , а во спонзорство на “Каритас”, хорот реализираше и видео спот на истата песна со МРТВ, кој се емитуваше како празнична честитка.
Имате снимено и касета со духовни песни.
-Беше снимена касета со наслов „Духовна Музика“, во продукција на МРТВ, “Меѓаши” ја достави истата до низа еминентни личности во Европа и светот, како порака за поубава иднина. Соработката со “Меѓаши” се случи во 1991 година, токму по нашиот концерт на духовна музика во Куршумли Ан, и веднаш потоа ми се јавија Гордана Пирковска Змијанац и Драги Змијанац со предлог дали сакам да соработуваме. Така почна сѐ.
На што се сконцентрирани Вашите следни планови?
-За следната година подготвуваме нешто големо, и веруваме на силна поддршката на Министерство за култура. Ние не сме од тие што постојано бараат нешто, но кога правиме сакаме да биде совршено добро. Публиката наскоро ќе ја изненадиме пријатно.
Валентина Ѓоргиевска Парго