Програмата на МОТ изменета, сите претстави ќе се одржат

Програмата на 46. МОТ претрпи неколку измени поради тридневната жалост за автобуската несреќа кај Перник, Бугарија.
Ќе се реализираат сите изведби.

Програма на 46. МОТ до крај на прв блок

26.11.-1.12.


26 ноември (петок)

Вишновата градина / Турски театар

режија: Владимир Милчин

време: 20 / локација: Театар Комедија

„Вишновата градина“ денес е драма за транзицијата, за неподносливата леснотија на пропаѓањето на општеството и цивилизацијата.

Алчноста на новозбогатените криминалци безмилосно го уништува човештвото уништувајќи ја неговата колевка, Земјата, уништувајќи ја природата и сè што живее во неа. Она што вџашува е немоќта на луѓето да се противстават, да ја одбранат културата и природата, да ги одбранат вредностите на цивилизацијата пред новите варвари. Прогресот не е гарантиран. Тркалото на историјата стигна до пролетерската револуција, но од неа се изроди новата класа манипулатори чија алчност не знае за граници.

„Вишновата градина“ е сценска минијатура во најубавото значење на зборот, во нејзините камерни димензии се содржи трагедијата на светот во кој живееме.

-Владимир Милчин, режисер


27 ноември (сабота)

Нема да биде крај на светот / МНТ, Перипетија, САРТР

режија: Нина Николиќ

време: 20 / локација: МНТ, мала сцена

Кога се создаваше текстот „Нема да биде крај на светот“ живеевме во еден сосема поинаков свет, обременет со проблеми наследувани низ генерации, со кои се имавме навикнато да живееме. Денес тој свет го нарекуваме нормален, иако малку од него тогаш можеше да се окарактеризира така. По промената што се случи изминатата година и пол на макроплан, логично е она од претходно да ни се чини како нормално. Флоскулата „крај на светот“ никогаш не била позастапена.

Оваа претстава се занимава токму со тоа, рушењето на интимните светови. Сите три лика под кожа ја носат пропаста на сопствениот свет. Односно, светот каков што го замислувале за себе, за кој се бореле, кој го граделе или за кој мислеле дека ги чека, а тие требало само да му излезат во пресрет…

Уметноста е ормар / Словенско младинско гледалишче (СЛО)

режија: Иван Петернељ

време: 22 / локација: МНТ, голема сцена

Претставата „Уметноста е ормар“ произлегува од заумниот свет на Хармс, третирајќи го тој авангардист како идеален соговорник за да проговори за светот во кој живееме. Тој свет, по зборовите на авторот на претставата, досегнува вртоглави височини на човечката глупост, бесмислата и етичкото пропаѓање, па е во секојдневна борба со апатијата. Но, исчашениот поглед на Хармс е во состојба да го испреврти наопаку. Апсурдот во неговата книжевност зборува „за невидливиот и неодреден страв, кој му се заканува на секојдневието од позадина, за егзистенцијалната загрозеност, за метафизичкиот ужас“. Но баш таа призма на апсурдот што во себе го крие она критичкото и комичното, дава можност на сето тоа да му погледнеме в лице.

1 декември (среда)

Глембаеви / Војдан Чернодрински – Прилеп (МКД)

режија: Бранко Брезовац

време: 20 / локација: МКЦ, сала Фросина

Изворно, „Глембаеви“ зборува за пропаѓањето на една голема капиталистичка фамилија, за тоа колку тешко настанала големината на таа фамилија, како со лукавство се одржувала и како перверзно пропаднала. Во време на денешната тајкунизација, која владее со сите транзициски простори од Балтикот до Солун, темата на оваа драма ни се чини клучна за храбриот влез во вибрирањето на театарската современост и непобитна актуелност. Неморалот е услов и лост на глембаевското богатство, но препреденоста на бесчувствителноста одамна се учи во јавните училишта и установи.
„Глембаеви“ се, ако сакаме, критика на нововековната тајкунска чудовишност, но критичар на таа чудовишност ама баш никако не може да се пронајде во корпусот на таа драма. Може само што побрзо да се признае дека метежот и матнината се мрачни, какви-такви, темели на нашата ослободеност за и пред проблемот.
Билетите за претставите изнесуваат 300 денари. Истите се достапни преку bileti.mkc.mk и на билетарница во МКЦ.

Тимот на МОТ го задржува правото на измени во распоредот на претставите.

Фестивалот е поддржан од Град Скопје и Министерство за култура.

Корисни линкови:
https://mkc.mk/events/mot2021/
https://www.facebook.com/events/253052330188096

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.