Скопје, 22 ноември 2021
„Македоника литера“ ја објави книгата „Од трезорот на Охридската архиепископија – белешки за светите твари и уметничките дела“ од Снежана Филипова.
Во книгата авторката пишува за изгубеното и украденото богатство на македонската црква, за најзначајните уметнички дела, инсигнии и предмети на применетата уметност кои некогаш биле дел од трезорот на Охридската архиепископија, а денес се распрснати главно во неколку музеи во соседството. Филипова пишува и за значајни примероци на црковен вез, реликвии, крипти, мали иконки, енколпиони…, но и за: раната црква во Македонија, културните и епископски центри во Македонија во времето на Јустинијан, ранохристијанските, средновековните и нововековните светци и маченици од Македонија.
Освен што дава преглед на ремек-делата на една од најзначајните архиепископии на православниот свет, книгата претставува и значаен придонес за црковната историја на уметноста во Македонија. Книгата содржи и шеесетина фотографии, и скратена верзија на текстот на англиски јазик.
Д–р Снежана Филипова (родена во Скопје) дипломирала на Филозофскиот факултет во Скопје, а магистрирала на Институт за средновековни студии во Будимпешта, Унгарија. Добитник е на наградата „Херберт Манинг“ за најдобар студент на генерација во 1987 година. Остварила специјалистички престој како вонреден студент кај професор Робин Кормак на Кортолд Институтот за уметност во Лондон. Докторската дисертација ја одбранила во јануари 2005 година на Филозофскиот факултет во Белград. Во јули 1988 година се вработува на Институтот за историја на уметноста со археологија при Филозофскиот факултет во Скопје каде од 2015 година е редовен професор. Нејзините истражувачки интереси се од областа на ранохристијанската и средновековна уметност, методологијата на историјата на уметноста, хералдиката и археологијата.
Објавила над 60 стручни и научни трудови, како и седум стручни книги. Учествувала на повеќе од 80 научни конференции и конгреси во земјата и во странство. Учесник е во повеќе национални и интернационални проекти, меѓу кои остварила соработка со Принстон Факултетот и Виенската Академија на науките и уметностите.
Остварила студиски престои на универзитети во Словенија, Хрватска, Унгарија, Чешка, Англија, Бугарија, Русија, Србија и Грција, а на неколку факултети во странство одржала серија предавања за ранохристијанската уметност и средновековната уметност во Македонија.