Вечерва во Музејот на македонската борба,во рамки на 42.издание на Денови на македонска музика , концерт ќе одржи Лаума Скриде, пијанистка од Летонија.
Таа ќе изведе дела од композиторите Мехмет Џан Озер, Петерис Васкс, Петар Јованов, Сорен Нилс Ајхберг, Софија Губајдулина, како и од македонските автори Борис Светиев, Гоце Коларовски и Ана Пандевска.
Лаума Скриде, е од Рига и потекнува од музичко семејство. Почнала да свири пијано на петгодишна возраст, се школувала во родниот град и на Универзитетот за музика и театар во Хамбург, Германија. Од 11-годишна возраст учествува на голем број меѓународни натпревари, меѓу кои и натпреварот „Марија Канал“ во Шпанија и Меѓународниот натпревар по пијано во Кливленд, САД, на кои освоила и неколку награди.
Во 2007 година Скриде ја добила наградата „ECHO Classic Award“ за млад уметник за изведба на клавирскиот циклус „Das Jahr for Sony“ од Фани Хенсел. Во 2008 година ѝ е доделена наградата „Бетовенов прстен“ за нејзините интерпретации на германскиот класичен и романтичен репертоар. Истата година Скриде го основала и „Скриде квартет“ (Skride Quartet) заедно со сестра ѝ Баиба, и со Хариет Кријг и Лиз Берто. Оттогаш квартетот е постојано на турнеи по главните европски сали и фестивали.