17.11.2021, Скопје – Заштитата на здравјето на граѓаните е највисок приоритет во услови на пандемија и тоа може да се постигне со сеопфатни, интегрирани и добро испланирани мерки како и со континуирано унапредување на квалитетот на здравствената заштита. Сојузот на стопански комори речиси овие две години од почетокот на пандемијата дава активен продонес преку постојано следење на мерките и доставување на свои конструктивни предлози и мислења во насока на нивно унапредување се со цел заштита на здравјето и намалување на штетните последици во економијата.
Во таа насока сакаме да истакнеме дека изјавата на министерот за здравство Венко Филипче дека Сојузот барал да се воведе задолжителна вакцинација и за вработените во приватниот сектор е целосно неточна бидејќи нашиот став е дека правото на вакцинација која не е задолжителна е лично право на избор и не треба да се ограничува. Сметаме дека многу подобар ефект наместо со репресивни ќе се постигне со стимулирачки мерки и навремено обезбедување на повеќе видови на вакцини и релевантни информации за нивната безбедност.