На 10 ноември 2021 година во Јавна соба беше одржана работилница за јавните простори и улогата на граѓаните и општините во нивното планирање, одржување и трансформација. Во петок пак, на 19 ноември во Делчево ќе се одржи уште една таква работилница.
И двете работилници се организирани од Здружение КАЖИ КОГА – Центар за инклузивен развој Скопје и се наменети за жителите на општините Аеродром, Кисела Вода и Делчево.
Работилниците се организираа за да се поттикне дискусија со граѓаните и претставниците во општините за потребите од подобро уредени јавни простори во нивните населени места. Активностите се спроведуваат во рамки на проектот „Наш град“ поддржан од Амбасадата на САД.
Стојне Тодоровска од Здружение КАЖИ КОГА Скопје, ни изјави:
-Убавината на градот не е дефинирана единствено од неговата визуелна убавина, од беспрекорните улици, паркови или модерните згради, куќи, туку и од посебноста на животот во него. Нормално, многу подобро е кога градот ја има и таа визуелна убавина, но без пешаците, велосипедистите, децата низ парковите, игралиштата, пензионерите на клупите, градот би бил многу празен и многу тажен.Така што, архитектурата која исто така го дефинира градот, треба да ја надополнува, следи и поттикнува таа живост и таа посебноста на самиот град. Додека пак, градските и општинските татковци и мајки треба да работат за да ја одржат хармонијата и компактноста на просторот и едноставно да го направат градот, населбите и маалата да бидат подобри места за живеење. На пример, напразно се инвестира во игралишта на локација на која на децата им е неприродно да играат или воопшто и ги нема. Кога поставувате клупи на кои никој не седнува, или фонтани од кои нити уличните кучиња не стигнуваат да пијат вода. Да не зборуваме за плоштади или надвозници низ кои човек не минува или паркинзи на кои луѓето едноставно не паркираат. Доколку тоа се случува со вашиот проект, многу веројатно е дека нешто сте погрешиле во процесот на консултирање со крајните корисници – граѓаните што значи, или воопшто не сте ги прашале, или сте ги прашале но не сте испорачале според нивните барања.И судејќи според резултатите од последните локални избори, се поочигледно е дека граѓаните имаат се помалку трпение и толеранција кон работењето на општините и градот кое е спротивно од нивните барања, потреби и интереси. На ист таков начин ќе имаат и помалку толеранција и трпение за некакво нивно “про-форма“ вклучување во дискусии и преговори за тоа што и каде во нивната населба да биде изградено или реновирано, доколку на крајот од денот сте им рекле дека тоа што тие сакаат не може да биде направено бидејќи законот, бидејќи уставот, бидејќи инвеститорот, бидејќи буџетот. Никој, ама буквално никој не сака да биде во улога на статист и да губи од своето време за да слушне нешто што веќе слушал повеќе од две децении наназад. Исто како што никој не сака да му се наметнуваат некакви измислени одлуки за тоа што му е потребно нему и на неговиот град, населба или маало. Тоа е она што треба да се научи. Градот е на граѓаните, не на градоначалниците, не на политичките партии.Затоа и, мора да се воспостави нова пракса на менаџирање со општините и градот во кое, градоначалниците и нивните тимови ќе дадат многу поголем простор за вклучување на граѓаните преку дискусии, преку преговори, преку теренски посети, истражувања и сл. и тоа да стане имепратив за поинакво, за демократско и инклузивно управување.В о таа насока, посебна улога треба да имаат и самите архитекти кои исто така треба да инсиситираат на вклучување на граѓаните во дискусијата за да можат на крајот од денот да ги испорачаат најдобрите можни проекти. Од друга страна пак, сите ние треба да работиме за да ги поттикнеме граѓаните да се грижат многу повеќе за градот и јавните површини. И не само да ги надминеме проблемите со искршени клупи, дупнати канти за отпадоци, украдени шахти, бисти или расфрлани отпадоци по тревниците и парковите, но и да ги мотивираме да се вклучат преку урбани акции за трансформација на просторите кои се запуштени. Преку организирање манифестации, настани и сл. И на крајот, да им ја вратиме довербата во институциите.