ЖАКЛИНА УЗУНОВА, ЕСТРАДНА УМЕТНИЦА: Јанко ме научи на сѐ!

(фото Дичо)

За Жаклина Узунова се врзува фактот дека е дефинитивно омилена личност на естрадата со одлично однесување кон луѓето. Нејзиниот вокал и изглед ја прави посебна, обожава на, а синоним за  сакана жена стана поради љубовта на нејзиниот сопруг Јанко кон неа. Славното “момче со мандолина” .
Во негово име, неодамна, ја прими постхумната награда за животно дело на Радио Роса, која ќе стои во полниот плакар со награди, покрај онаа некогаш добиена за животно дело на “Еврофест” и на “Радио Буба Мара”. И покрај фотографијата на Тоше Проески, која Јанко ја имаше врамено затоа што првата песна со која Тоше настапил на училишна приредба “Наставничке пријателке” беше во негово авторство.


Многу работи може да се зборуваат за маестро Узунов. Но, ајде да почнеме од Вас. Можете да се потсетите на своите први почетоци, на и ие денови кога во светот на музиката влегува една млада беровчанка?
-Како млада беровчанка почнав да пеам кога имав 16 години, еве и ден денес пеам со братучед ми Бране Коловски. На мои 16 години ми се случи да пеам на дочек на Нова година во Домот на Армијата во Пула. Тој беше воен музичар и ме викна, па така за мене, тоа што тогаш ми се случи, беше еден грандиозен настан, така тоа го доживеав.
Како ги знаевте песните?
-Песните… Ние со братучед ми Бране од деца сме заедно, живеевме во иста куќа во Берово и сите песни си ги учевме, секоја која нас ќе ни се допаднеше. И дома нашите родители беа музикални, сите бевме музикални и нонстоп се слушаше музика и така во таков амбиент песните ги учевме лесно. Бране на хармоника ќе ги отсвиреше, јас ќе ги научев текстовите, така функциониравме од деца, а и потоа додека учеше средно воено во Белград. Ние си ја имавме програмата направено од мали, тој ќе си свиреше на хармонијата, јас ќе си вежбав по дома, и тоа беше еден спој што немаше промашување.
По настапот таа вечер, како продолживте по патот на естрадата?
-Бидејќи учев средно медициско во Штип тогаш бев втора година средно, ме забележа еден доктор, Чанев кој ми предаваше три предмети (физикална терапија, кинезитерапија и масажа), случајно некако пред него ја испеав песната “Многу мерак имам бабо” и нему многу му се допадна, и ме покани да настапам на штипските манифестации. Прв пат на аудиција ме однесе кај хармоникашот Илчо Јованов и во ансамблот “Распеани Штипјани”. Влезе и им рече – “ах да видите какво билбилче сум ви донел” , со овие зборови им се обрати. И за празници како 11 октомври и 29 ноември секогаш пеев. Тогаш во Берово бев избирана за најдобра пејачка-аматер, речиси секоја година победував. Веќе беше досадно, дури ми беше непријатно да се пријавувам. Бев четвртата година средно кога се одржуваше избор на најдобар пејач – аматер од Источна Македонија во Домот на културата во Штип, каде потоа се одржуваше “Макфест” , јас таму ја испеав “Многу мерак имам бабо” по иницијатива на доктор Чанев. И тој пееше во октетот “Астибо”, многу сакаше музика. Ме однесе и јас освоив прва награда како најдобар пејач во Источна Македонија и така почна тоа. Потоа ме покани една млада група од Виница ” Жак компани” и како член на таа група, заедно отидовме летото во Будва и тоа со толку многу негодувања од страна на мојот татко, затоа што во тоа време беше невообичаено да пуштиш ќерка да пее, беше многу ниска бранша тоа да бидеш пејачка, а мајка ми дури се разболе од тоа, не сакаше да бидам пејачка. Во Будва пеевме цел месец со Гордана Захар, со Милутин Поповиќ Захар па потоа кога тие доаѓаа на концерти низ Македонија мене ме носеа со нив, да настапам како млада пејачка. Тогаш значеше нешто да пееш со позната пејачка од Ју просторите. Се случи потоа братучед ми да дојде во Скопје, по несреќата во која за жал загина Сашка Петковска и кога загинаа повеќе музичари од Војниот оркестар, тогаш се отвори место и тој се префрли во Скопје. Веќе со Јанко ја имаа групата “Узун” и во еден момент “Узун” остануваат без женски вокал, а Јанко беше познат по тоа дека сака женски вокали во неговите групи. Па така отидов на аудиција, но првиот пат  некако не му се допадна моето пеење. Јас дојдов изморена од пеење со Војниот оркестар и почнав да му ја пеам “Зора је” од Неда Украден. “Многу и е изморен гласот, се гледа дека е многу талентирана, ставата и е многу убава, ама многу и е изморен гласот, не сум сигурен дали е изморен гласот од пеење или и е толкав опсегот, има мал опсег”, рече. И потоа членовите од војниот оркестар цело време му зборувале на Јанко, постојано кога ќе оделе на концерти” зошто не ја земеш на Бранко братучетката, како убаво пее”…” Не знам, велел, мене не ми се допадна баш, ама ај Бране донеси ја пак повторно” . И следниот пат кога отидов ја испеав “Кажи, кажи либе Стано”. “Бранеее (Јанко беше така специфичен во негов стил), Бране абре ти мене истата ли девојка си ми ја донел? “.”Да, Јанко, истата” . “Јас не знам што сум слушал, зошто оваа многу убаво пее ова е нешто многу добро”, рекол. И така јас станав нивни член, почнав да пеам по фестивалите, на Валандово настапивме со песната “Кажи моме убаво”, потоа со “Заплачи моја Македонијо” , потоа сама ја пеев “Сега сум сама”, пеев на” Гоце фест”, на” Интерфест”во Битола, на речиси сите фестивали.


Понатаму веќе ни е јасно, јавноста знае дека бевте неразделни до крајот на неговиот живот. Како се вљубивте со Јанко брзо ли беше или Ви требаше некое време?
-Па, не бевме авантуристи, ни Јанко, ни јас. Ние бевме веќе многу блиски и професионално и приватно, го отворивме училиштето “Узун” и почнавме да работиме заедно и почнавме нонстоп да бидеме заедно. И така се роди љубовта. И карактерните особини многу не врзуваа, еден спој на водолија и овен, тој така го потенцираше, тоа значи многу добар спој. Тој беше многу искусен, а јас како млада бев многу послушна и нему тоа многу му се допаѓаше. Како тој ќе ми каже дека треба да испеам, така. Тој мене сѐ ме учеше, буквално сѐ, како да застанам на сцената, кога требаше да настапуваме секогаш смислуваше и сценографија, и кореографија, сѐ осмислуваше, дури мене ми беше лесно зошто знаев дека Јанко за сѐ си води сметка. Се договаравме заедно како ќе бидеме облечени, на гардеробата многу внимавме, но најважно како карактери се освоивме до бескрај, се најдовме сродни души и тоа трае, иако сега не е тука.

Многу голема љубов, можеби и најголемата љубов која ја обележа естрадата изминативе три децении. Со многу љубов и почитување се однесуваше кон Вас како пејачка како негова сопруга, неразделни и во музиката и во приватниот живот, убаво кажавте, во сѐ се надополнувавте. Кои песни понатаму ги снимивте заедно како двојка?
-Најпрво на “Валандово 1989” ја успеавме “Кажи моме убаво” , потоа како двојка на Валандово “Заплачи моја Македонијо”…
Имавте едно интересно трио на ” Гоце фест” со неговиот син Кирил.
-Да, со Кирил кој тогаш имаше само 10 години, беше тоа во 1992 година. И победивме, апсолутни победници бевме со “Македонче соколе”. Имавме и кореографија и сценографија и гардероба, исто ни беше, така беше осмислено. И песната се погоди, и можам да кажам дека на моите настапи оваа песна дури сега доби една експанзија, дали со политиката и со се што ни се случува во Македонија, не знам, но штом почнам да пеам “Расти сине, расти чедо” се создава една таква еуфорија, кожата да ти се наежи, дури солзи ми течат. И се мислам дали Јанко од некаде сега гледа? Колку бил пред времето, да ја направи таа песна. Значи таа дури сега почнува да се пее, сите луѓе ја знаат и многу гледност има и на социјалните мрежи.

Со легендите секогаш е така, нивното творештво најголема вредност добива по нивното отсуство. Тој беше маестрален уметник и голема легенда, до пред неколку години жива легенда сега веќе во вечноста. Беше перфекционист, Ви пречеше ли тоа малку. Сепак перфекционизмот знае да биде и напорен, а тој беше буквално во се перфекционист.
-Комплетно изградена личност. Јас оти сакам се брзо и веднаш, таков ми е карактерот, на почетокот ми пречеше, но потоа јас го разбрав Јанко, како човек како една комплетно изградена личност и знаев дека во моментот ако мене тоа ми пречи знам дека по месец, по шест месеци, по години тоа ќе биде така како што тој го направил, како што тој го кажал. Така се случуваше со естрадата, така се случуваше со многу работи. Тој имаше некоја визија и кога се повлековме од фестивалите и го отворивме училиштето имаше некоја велеше “не сакам да учествувам во распадот на македонската естрада” . Затоа ние се повлековме, се девалвира сѐ, веќе почнаа искривени вредности, македонската музика веќе беше девалвирана, во експанзија беше турбо фолкот, а тоа нему лично многу му пречеше.
Се повлече, тоа беше очигледно, бидејќи освен музичар тој беше интелектуалец со два факултети (педагогија и земјоделски) и со магистратура. И знаеме дека размислуваше подлабоко. И не беше човек што сакаше да се меша во лоши работи, во туѓи животи да прави шеми, заговори. Чесен човек.
-Беше добронамерен, чесен, хуман човек. Скромен. Кога ја купи својата сива бунда и со неа снимаше спот во Крушево за “Јанка низ гора врвеше” се качи во градски автобус наутро, и кога ги виде луѓето како одат на работа и како се скромни, никогаш потоа не ја облече таа скапоцена бунда. Од солидарност кон скромната маса луѓе.


Околу хуманитарноста, се врзуваат и неговите концерти. Тој сними преку 500 песни, свои авторски и од други автори, имаше голем подем во бивша Југославија, стана славен со “Момчето со мандолина” со која за малку ќе одел и на Евровизија, постигнал успеси на сите континенти меѓу нашата дијаспора, постави големо наследство, но рековме последните деценија и пол беше повлечен и работеше како автор и професор по гитара… Беше незаменлив музички педагог на голема група деца, кои поминаа низ училиштето што го водевте заедно. На крајот на секоја година правевте хуманитарни музички концерти, кои се уште се традиција, освен во короната, и верувам ќе ги продолжите. Колку се посветувавте на тие концерти?
-Па вака, бидејќи беа застапени ученици кои вежбаа со нас преку целата година и секогаш инсистираше тие да свират композиции од програмата од училиштето, и секој ученик се претставуваше со тоа што најмногу го знаеше да го свири. Сепак со деца мора да се внимава. За крајни подготовки некаде му требаше време од ноември до декември, при обично на крај на декември беа тие концерти, значи еден, два месеци интензивно вежбање. За нас не беше проблем, ние имавме големо искуство, тој можеше и сам да свири и да пее и за десет луѓе да сработи, но најмногу еден до два месеци бидејќи се работеше со малите деца, некои од нив имаа по девет десет години, и тоа за прв пат требаше да настапуваат. Треба да си добар педагог да знаеш да ги подготвиш за на сцена, и ние понекогаш имаме трема не само дечињата. А имавме во школата над илјада деца.
Вие ја продолжувате неговата традиција, многу може да се зборува бидејќи Вие бевте сведок на буквално се што се случуваше во неговиот живот по последните три децении, и во неговиот приватен живот, секаде патувавте заедно и во Австралија и во Америка, Канада, Германија, Швајцарија. Плодна кариера, но тој беше многу скромен човек кој не створи за себе големи богатства, но остави големи богатства во смисла на негови дела и музичко наследство. И тоа од почит треба секој човек да му го признае и оние кои го познаваа и оние кои не го познаваа. Едноставно самата негова појава зрачеше со чесност, многу луѓе, дури  и еден Мичо Божиновски има кажано дека е исклучителна музичка легенда. 
-Институција за музика, така го нарекуваше Мичо…
Многу музичари го признале тоа, а сега и салата во Валандово во Домот на културата “25 Мај” го носи неговото име како признание. Во петок, 19 ноември 2021, се прави концерт кој ќе биде посветен на неговиот лик и дело, и тоа концерт на едно завидно ниво од еснаф музичари “Распеани Валандовчани”, што укажува на тоа дека и во самиот негов роден град, самите граѓани му оддаваат почит. 
-Јас можам само да кажам дека се продолжува неговиот аманет и тој уште живее, се додека неговото дело и неговото творештво се вреднува тој ќе живее. Ние сме тие што треба да ги вреднуваме и величаме неговите дела се додека сме на овој свет. Тој беше голем вљубеник во музиката, подеднакво ја сакаше и забавната и народната музука, секогаш сакаше да внесува иновации на свој начин, во уникатен препознатлив стил – во фолк музиката да додаде поп- рок елементи, а во забавната музика да додаде етно елементи, и тоа го правеше на толку убав начин, просто неповторливо. Бојата на гласот му беше уникатна, мислам дека досега не се случило некој да може да го имитира Јанко како пее. И во тоа беше многу посебен. И како инструменталист, во многу наврати музичари велеа дека тоа што е Влатко Стефановски во соло гитарата тоа е Јанко во ритам гитарата, тоа го велеа музичари кои многу добро го познаваа. Свиреше ритам гитара како да свиреше цела секција. Јас сега тоа го доживувам дека тој заслужено ја доби таа чест. Неговиот град го сака, Валандово го сака Јанко, и тоа го направи на најдобар можен начин, му се оддолжи, со тоа што фестивалската сала ја именуваа по него, дури и со концерт на “Распеани Валандовчани” кои функционираат во рамките на Домот на култура и се потпомогнати и од Министерството за култура, да се направи еден концерт, да доловиме еден мал дел од неговите дела и се надевам дека тоа ќе продолжи и понатаму и со други такви концерти и манифестации. Но, има една идеја и желба на Валандовчани, еве за прв пат ќе Ви ја кажам. Тој многу си го сакаше Валандово, така што и јас толку многу го засакав. Во Валандово одам само да си го видам Валандово небаре ќе го видам Јанко од некаде, или да го видам натписот на фестивалската сала, да поминам покрај старата му куќа, мене тоа ме исполнува. Мене ми е убаво на улиците дека тој таму растел мене, се ми е убаво, ги сакам сите Валандовчани дека Јанко е од Валандово, така што има некоја идеја и дека Валандово треба да му направи на Јанко споменик, еве Ви кажувам ексклузивно.
Која е ваша најомилена песна од неговото перо?
-Најомилена песна “Срце изгоре, а тој не дојде”, таа песна бидејќи јас ја сакав, а беше испеана на “Фолк фест Валандово” во 1989 година од една наша колешка,  ја преснимив и сега и јас ја пеам. Комплетен автор е Јанко, ја преснимив да си живее песната и понатаму. А Јанко последно што напиша за мене и за мојата и за нашата судбина е песната  “Судбина”, ја испеав на “Филиграни 2012”. Доби награда за аранжман, а потоа екипата на фестивалот постхумно му направи чест со тоа што наградата за аранжман се вика “Јанко Узунов” .
Каков е Вашиот живот после маестрото, ќе се вратите на музиката, на фестивалите, на сцената, на нови снимања? 
-Не верувам Вале, не верувам затоа што кога Јанко си замина си замина половина дел од мене, значи јас живеам ден за ден што се вели, и единствена мотивација ми се учениците, тоа ме исполнува на некој начин, желбата да ја продолжиме традицијата. Како Јанко го правеше тоа е неспоредливо веќе такво нешто, но продолживме со оние ученици што се најдобри и кои завршиле четврт степен и имаат желба мене да ми помагаат да ми асистираат во предавањата. Единствено на тоа обрнувам повеќе внимание. А за живите свирки немам проблем, тоа знаете, ние од тоа живееме и едноставно заради егзистенција го правам тоа. За фестивали не,  тие се толку многу девалвирани зошто да одам на фестивал кога таму треба само да плаќаш, а како што изгледа, во експанзија е турбо фолкот, шундарија невидена, ретко да слушнеш македонска музика. Можеш само да слушаш македонски текст со музика од туѓи поднебја. А Јанко беше голем поборник за македонскиот мелос, тој никогаш не оствире музика со туѓи примеси.

Валентина Ѓоргиевска Парго

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.