Маја Павловска, уметница со меѓународни награди: Уметноста игра витална улога во создавањето на општествени промени!

(Фото портрет Маја Грозданиќ)

Да се разговара со уметницата Маја Павловска- Маја Ангел, секогаш има повод, причина и убав мотив, работите секогаш се движат во позитивна насока. Така е и периодов…

Во мноштвото Ваши уметнички таленти, Вие сега сте посветени на ликовната уметност, и имате интересни изработки, изложби и награди. Најпрво, да објасниме за каков циклус на слики станува збор и каков мотив, односно приказна и концепт, содржат тие?

-Ти благодарам Вале за најавата, но со оглед на нашето долгогодишно познанство, како и сите наши приватни дружби и професионални соработки, не се ни сомневав дека најавата ќе биде одлична.  Во однос на твоето прашање за уметноста, секогаш се испреплетуваат моите таленти, но знаат и да ја менуваат доминантноста во одредени периоди. Никогаш не ставам приоритет на ниеден од уметничките таленти со кои се занимавам цел живот, затоа што се случува во исто време и да нацртам нешто, а и да напишам некоја песна во исто време, каде што настапува и оној преведувачкиот дел, бидејќи секогаш ги пишувам на македонски, англиски, и српски јазик, без разлика дали има или нема потреба. Во последните три, четири, години, откако ги пробав речиси сите техники и правци што ме интересираа во сликарството, а со оглед на тоа што пред дваесетина години се занимавав и со графички дизајн, решив да ги спојам во едно и така се роди идејата за креирање на дигитални уметнички слики, на ист принцип како што тоа го работам на пример со акрилик на платно, така настапувам и на “празниот дигитален лист” со понудените четки и алатки од неколку дигитални програми, кои често ги комбинирам. Има поделени мислења од страна на уметниците кои држат до тоа дека само со бои и четки се создава уметност, а се останато не го признаваат како уметност…Јас само знам дека уметност може да се создаде и со капки од истурено кафе или вино…од камчиња и школки собрани од некоја плажа и безброј други алатки, материјали и креации… Зошто тогаш не би можело дигитално изработената креација да биде уметност? Ова беше првичната идеја, да се направи симбиоза меѓу добрите познати стари техники и новата технологија, да се движиме заедно со времето, но никогаш да не заборавиме на основата… Кога зборуваме за дигитална уметност не зборувам за дигитална преработка на готова фотографија, иако и тој правец си има своја уметничка тежина, туку мислам на празниот лист, во случајов дигитален, кој е секогаш предизвик, или провокација за создавање на нови идеи и креации… За приказната, секогаш е поврзана со моето лично размислување во врска со моменталната ситуација во која се наоѓа човештвото… Во мојата последна песна се прашувам “Каде ли згрешивме? Разбудете се…“. Во суштина, никогаш не сакам да се наметнувам на размислувањето на публиката, иако секоја слика има свој уникатен наслов… Сепак, многу ми е драго што секојдневно добивам позитивни критики, но и препознавање на мојата идеја за создавање на соодветното дело.

Од кога почнавте да ги изработувате овие слики, во оваа техника, што Ве вовлече во овој свет на фантазии?

-Спомнав погоре дека пред дваесетина, а можеби и повеќе години се занимавав со графички дизајн. Изработував каталози, етикети, флаери итн. Тоа ми беа првите моменти на спој на уметноста со која се занимавам од дете, со дигиталниот свет, во тоа време, 1998, нов предизвик за мене. Среќа моја што покрај мене го имав мојот син, Бобан, кој од многу мали нозе навлезе во “мозокот” на компјутерот и се што јас не знаев, а ми требаше за тоа што го работев, го учев од него, а бев љубопитна и сама чепкав. Научени да се слушаме и почитуваме еден со друг, така функционираме и денес, само што сега се други понови програми, кои тој ми ги открива, или програмира за мене, за да можам моите фантазии да ги истурам на дигиталниот празен лист, патувајќи низ соништата, кои ретко ги паметам, ама ете нашле начин како да излезат јавно и преку уметноста да бидат зачувани од заборавот.

Изложбите, поединечни и групни, виртуелни и реални, дојдоа како след на Вашата вредна работа. Каде се учествувате годиниве?
-Посебно ми е драго тоа што почнав да ги постирам моите слики, без никакви очекувања и за релативно кратко време добив многу понуди за изложби, Саеми за уметност, гостувања, понуди од галерии да бидам дел од уметниците застапени во нивните галерии. Од оние кои ми се се уште свежи во меморија, можам да ги спомнам Рим, Венеција, Палермо, Луксембург, Париз, Сиднеј, Њујорк, Мајами, Сан Диего, Бруклин, тука во Холандија, Амстердам, Еиндховен, Утрехт, Билтховен, Њувехајн итн… Кога нешто правам, сакам да бидам коректна и професионална до крај и затоа Бобан ја изработи мојата веб страница: www.majapavlovska.com или
www.majaangel.com во која може да се најдат на едно место, сите музички и уметнички дела, случувања, како и моите дела со кои сум учествувала на изложби, натпревари, саеми, награди, признанија, магазини, каталози итн. Исто така преку страницата може директно да ме контактира секој што е заинтересиран за тоа што го работам.

Стигнаа награди и признанија од сите страни, што значат тие за Вас како уметница?
-Мислам дека нема човек, кој работи јавна работа, на кого јавното признание не му годи. И не е само тоа, пријатното чувство дека некој компетентен ја препознал и наградил мојата работа, туку е и мое лично трасирање на правецот на движење во уметноста, која е и тоа како важна за секој што се занимава со оваа работа. Затоа ми се многу важни сите мислења, критики, награди кои ги добивам, за да знам дека тоа што го правам е коректно и прифатено од страна на уметничкиот свет.

Член сте на Академското друштво на Холандија, во земјата во која заминавте пред 15 години со друга визија, но се етаблиравте како ценета уметница. Кои полиња Ви ги отвори ова членување во елитното, или подобро речено избраното друштво на уметници, убаво ли е чувството да се добие таква потврда дека значите нешто во светот на уметноста?

-Секако, Вале. Да го работиш тоа во што уживаш е најдобрата работа што може човек да ја посака. Пред 4 години бев прифатена и станав член на НАБК или Национална асоцијација на визуелни уметници на Холандија и тоа ми овозможи да дојдам до сите поважни Интернационални уметнички случувања, како и титули. Во Октомври 2020 ја добив титулата  ICA – International Certified Artist, а оваа година Ambassadorof Art  а 2021, за Македонија како родна земја и Холандија како земја во која живејам, од страна на Интернационалниот институт за акредитации во областа на уметноста. Добив и место во големата енциклопедија за современа уметност, “The great encyclopaedia of contemporary art” како и место за моето име и слика во каталогот на 50 современи уметници “50 contemporary Artists to invest in”, од страна на познатите интернационални кустоси со италијанско потекло, Франческо Русо и Салваторе Русо. Меѓу другите, морам да ја спомнам и наградата Power of creativity art Prize, издадена од страна на Contemporary Art Curator magazine. Кога еднаш ќе ја добиеш, важноста и е засекогаш, а претставува највисока оцена за креативна извонредност и признание за извонредни достигнувања во иновативноста и креативноста, како што самите напишаа: “Со задоволство ги објавуваме добитниците на наградата Power of creativity art Prize! Наградата за уметност на моќта на креативноста е највисоката оценка за креативна извонредност и признание за извонредни достигнувања во иновативноста и креативноста. Наградата за уметност „Моќта на креативноста“ ги слави најкреативните уметници и идеи. Уметноста има моќ да го промени светот! Уметноста може да го направи светот да се чувствува, а ова чувство може да поттикне ангажираност на размислување, па дури и акција. Повеќето од нас го знаат чувството да се биде трогнат од уметничко дело. Кога сме допрени, се движиме. Уметноста им помага на луѓето да запознаат и разберат нешто со својот ум и да го почувствуваат тоа емотивно и физички. Уметноста може да им помогне на луѓето да го надминат отепувачкиот ефект на денешното преоптоварување со информации мотивирајќи ги да ги спроведат своите мисли на дело. Уметноста игра витална улога во создавањето општествени промени; уметноста раскажува приказна која може да ја промени и позитивно да влијае на иднината и мислењата на луѓето“.

 

Во пауза ли е Вашата активност како текстописец, композитор, или така ми се чини? Последно слушнавме песна снимена со гласот на Вашата најголема музичка соработничка, единствената Лидија Кочовска.

-Се што е поврзано со уметноста се случува секојдневно. Немам копче за пауза… расипано е. Најновата песна со наслов “Слатка слобода”, или “Sweet freedom” ја направивме во соработка со Александар Чекреџи, мојот многу близок другар од детството, кој живее со неговото прекрасно семејство и работи во Шведска. Со него соработуваме долги години. Наши заеднички песни се испејани од Тоше Проески, Лидија Кочовска, Ана Костовска, Џина Папас Џокси, Пеце Огненов, Сашо Спиридоновски – Чапај, Роберт Стојановски, Сандро Николовски, Александра Котели и други… Оваа најнова песна ја издадовме на крај на август 2021, снимена е во До-ре-ми студио кај Златко Симионски – Зеле, Ја испеја Лидија Кочовска, придруженвокал Марија Димитријевиќ, а видеото го направи мојот син, Бобан Давко. Ја има и на мојата веб страница, но еве и тука линкови од двете верзии:
https://youtu.be/ASF5RxIEp6ch
https://youtu.be/lsfI-UP0HJM
Наменета е за сите оние, кои знаат искрено да ја ценат, сакаат и чуваат слободата. Во меѓувреме напишав текст за рок баладата “Странци” на музика и аранжман на Мишко Парушев, вокал: Драган Трајковски, придружен вокал: Калина Велковска. Наскоро, колку што сум известена, очекувам да биде објавен и видео спотот.

(Фото Маја Грозданиќ)

Тоше Проески е дел од Вас, знам дека се уште ист Ви предизвикуваат морници Вашите заеднички поминати моменти, Вашите соработки, Вашите песни, како тој кога беше меѓу нас.

-Тоше има посебно место во моето срце, не само професионално, бидејќи да се соработува со него беше огромно задоволство, заради неговата спонтаност, воспитаност, професионалност, туку и приватно, како човек со малку години, а милион мудрости во неговите мисли. Задоволство ми е што е дел од мојот живот… Приказна со почеток, но без крај, затоа што крајот никогаш не го прифатив… Така и ќе остане, како што често знам да кажам, “Каде и да си, тука си…” Текстовите што ги напишав за него се: “Магија” македонската верзија што ја испеја со Есма Реџепова, за која еднаш, свирејќи на пианото во нашата семејна куќа во Охрид, ми рече: “Не е случајно што нашата прва соработка е насловена баш, Магија  ”…. Потоа дојде на ред “Парче од Европа”, музика Горан Алачки, англиската “Piece of european truth”, “Сон егзотичен”, српската, “Сан егзотицан”, англиската “Exotic dream”, музика на Александар Чекреџи, српската “Што си отишла”, англиската, “Why did You leave”, музика на Баже Темелков и некои други недовршени и необјавени песни. Лани за роденденот му подарив песна со наслов ТУКА СИ…
(Посветено на Тоше Проески )
25.01.1981 – 25.01.2021
Текст: Маја Павловска – Маја Ангел
Во сон бар дојди ми,
Ко некогаш…
И подолго остани,
Низ истите полиња пространи…
Запри, бар на момент, да ти речам:
“Среќен роденден, Сонце мое”..,
Затворам очи,
да го видам пак, лицето твое…
Како ли изгледаш сега,
На четириесет?!
Како и да е,
Би те препознала, сет…
Во очите криеше, цел, еден свет…
Со милион прашалници,
Но, без одговори, стојам…
Пред и по тебе,
Времето го бројам…
Но,
Тука си… во капките утринска роса…
Тука си… во зракот, што ми милува коса…
Тука си… од првото “Добро утро”, до ноќта темна,
Тука си… Ти, ЉУБОВ СИ, земна…
25.01.2020
Утрехт, Холандија

Во Македонија одамна не сте дошле, во Вашето родно Скопје, денес е 13 ноември, го славиме Денот на Градот. Јавноста е запозната и со таа причина, но не е на одмет да се потсетиме.

-Луѓето кои добро ме познаваат, ја знаат и таа моја “болка”, во 21 век да не можеш да го посетиш твоето родно место, само затоа што надлежните, кои впрочем сами си ги бираме да бидат наши претставници, луѓе кои треба да ги менаџираат и решаваат нашите проблеми, во суштина не сакаат да се занимаваат со тоа. Тврдам дека е така! Бидејќи да сакаа, до сега многу работи можеа да се сменат, а нашата земја ќе беше најпрекрасното место на планетата, Земја. Имено, од 1991 до 2021 поминаа 30 години од моментот кога во десетина минути ми се смени текот на животот и од тотално здрава, добив тотална парализа, Синдром на Гилиен Баре со Миелитис, две болести во една, или Mielopolyradiculoneuritis, една од најретки болести во светот, предизвикана од вирус. И покрај целата институционална борба, документи комплетирани и се што беше побарано од нас, до ден денес не добив дозвола за лифт, за да можам да дојдам дома, на 4ти кат, во станот, кој моите родители го опремија да можам сама да функционирам. Потребен беше само надворешен лифт, за да се реши моето секојдневие, а за кој постоеше архитектонски и градежно одобрен план, врз основа на тогашниот урбанистички план, кој беше сменет преку ноќ, без знаење на граѓаните. После смртта на моите родители, го барав предметот по архивски броеви во Министерство за транспорт и врски, но одговорот беше дека наводно пожар, или поплава се случила и предметот го нема. Очигледно е дека никому не му е до решавање проблеми. Само политичка парада! За овој проблем пишував многу често, упатив и отворено писмо до Зоран Заев со идеја напишана во неколку точки, како да се реши овој проблем за сите луѓе со сличен проблем, ама до ден денес не добив одговор.

Маја Павловска отворено до Зоран Заев: Приморани сме да живееме помеѓу четири ѕида!

Годините си поминуваат, престанав да верувам во т.н. политичари и од сегашна перспектива можам само да констатирам дека животот е пресериозен Божји дар, за да го дадеш туку така да ти го менаџираат некои несериозни луѓе наречени политичари, на кои твојот основен проблем, врзан за секојдневието не им е ни на крајот на малиот мозок. Мислам дека доста им беше на сите, покажаа што имаа да покажат. Време е луѓето паталци да го превземат кормилото на институциите, кои би требало да ги решаваат овие проблеми, во свои раце, затоа што срамно е да се објаснува дека во 21 век се немаат основни услови за движење на луѓето со физички хендикеп, зависни од помагала, како инвалидски колички, скутери, одалки (walkers) итн.

Маја Павловска го носи презимето на својот татко, славниот текстописец Јован Павловски, авторот на стиховите на “Бисер Балкански”. Ангел е Вашето уметничко име, како е избрано?

-Точно така, Вале. Со гордост го носам презимето на мојот татко, кој почина во 2010, а покрај неговата долгогодишна и успешна директорска кариера во Охис и Охис Трансфер, остави исто така свој печат на Македонската фолк естрада, како текстописец на “Бисер балкански” , “Запејте сите ангели”, “Дел си од мене”, “Милице, моја Милице”, “Простено се ти е простено”, испејани од Гоце Николовски, “Рајска градина” Петар Нечовски, “Дигни се небо, за уште едно” Росана Сариќ Тодоровска, “Оган шепоти” Маријана Мишева, “ Распукала Шар планина” и “Те сонив ли душо моја” Ленче и Горан Кукиќ, “Јана” и “Идадија” Нино Величковски, “Од маслина, гранче” Кате и Нели ти реков, каде што јас се појавувам како автор на музиката на неговиот текст и многу, многу други…. Нека ми простат сите што не ги спомнав, навистина се многу. Јас се потпишувам, Маја Павловска – Маја Ангел, од кои првото ми е од раѓање, по презимето на мојот татко, а второто, уметничкото, Маја Ангел е моето прво претставување на интернет, уште во 1998, мојата прва е-маил адреса, мој прв интернет прекар, или ник нејм, така се претставив и на социјалните мрежи уште 2009 кога влегов на фб, а пред неколку години, за да не објаснувам многу, едноставно ги ставив двете во едно .

Бобан Давко
Вашата мајка архитектка, Вашиот брат Зоран уметник музичар во познати групи и “Парамецум”, Вашиот син Бобан (на фотосот) со низа уметнички афинитети, но засега не се вклучи во уметноста. Го иницирате ли на некој начин или го оставате сам да си одлучува и чекори по патот на својот Живот?
-Мајка ми, Вики како што нагалено ја викавме, беше градежен техничар, статичар, работеше во градежното претпријатие – Пелагонија, на проекти за изградба, како и реновирање на познати објекти во Скопје, меѓу кои и реновирање на Стара железничка станица, изградба на Стоковна куќа Мост итн. Работеше и на приватни проекти, каде што обично навлегуваше и во тој архитектонски дел, така што нашата семејна куќа во Охрид, како и други приватни проекти се комплетно нејзини дела. Почина во 2008. Ни фалат двајцата многу. Енергијата што вибрираше додека беа двајцата живи, веќе ја нема, но останаа прекрасни моменти, кои секогаш ќе бидат дел од нас. Брат ми, Зоран Павловски – Зозо… не можам да помислам на него, а во таа слика да не го ставам заедно со некоја од гитарите, или некое појачало. До него секогаш има посебно место за гитарата, за да отсвири некоја импровизација во момент на инспирација . Беше член на Гаро&Парамециум, а свиреа и заедно со Венко Серафимов и Трајко Каров, кои функционираа како бенд неколку години, а со Венко се другари откако знам за себе . Инаку Зозо учествуваше и во неколку песни во кои се појавувам како текстописец, а ја компонираше и “Златен клуч” песната која ја посветивме на Тоше, аранжман на Маестро Дамир Имери, а ја испеја Лидија Кочовска со нејзиниот вокал, кој предизвикува морници и истура емоции, што не може да останат непочувствувани. Бобан е одамна вклучен во секој мој проект, дали музички, или уметнички се едно. Погоре спомнав за веб страницата, која ја градевме повеќе од година, чекор по чекор. Сега останува само ажурирањето. Во меѓувреме беше ангажиран за изработка на видео спотот за најновата песна што ја спомнав погоре, “Слатка слобода”, или “Sweet freedom”. Во слободно време свири пијано, нешто компонира и сега имаме идеја да направиме заедно некој музички проект. Се зависи од неговото време, кое во последно време останува малку, со оглед на неговата работа како програмер во ИТ одделот во Холандската ИНГ Банка. До некое следно интервју, можеби идејата ќе биде преточена во комплетирано музичко дело. Редовно имаме и проекти за некое ново парче мебел, кое го изработува со голем кеиф и мајсторски, а на основа на проект и дизајн кој заедно го размислуваме од практичен и естетски аспект. Мојот дедо, на мајка ми татко, Александар Филиповски, изработуваше мебел во неговата мини фабрика, а потекнуваше од семејството Филиповски, кои меѓу другото го изработиле иконостасот во Св. Спас во Скопје, така што желбата на Бобан за изработка на се од дрво е веројатно наследство. На крајот сакам да ти се заблагодарам, Вале, за отстапениот простор и да упатам топли поздрави до Вашите читатели од студениот Утрехт, Холандија.

Валентина Ѓоргиевска Парго

 

 

 

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.