Шест книжевни дела, потпишани од писателот и поетот Мендо Димовски од Скопје, се творештво на разни теми, кои тој ги надополнува со нови дела. Навидум, само книги, суштински многу повеќе од тоа. Особено последното дело, во кое со “својот збор” го чествува и му се поклонува на Великанот на македонистиката, Блаже Конески.
Најновите книги “Трепети и немири” и „Рој беспокој“, од неодамна се во рацете на Вашите читатели. Во песните распослани на страниците на овие стихозбирки пишувате за среќата, за судбината, за спомените, за татковината… Во бројните чествувања оваа година ќе остане и да се памети дека втората книга „Рој беспокој“ му ја посветувате на Блаже Конески, по повод 100-те години од неговото раѓање. Голема идеја. Како се случи сево ова?
-Токму така, со пиетет и исклучителен респект кон делото на нашиот великан Блаже Конески, споменатата стихозбирка „Рој беспокој“ ја посветив на одбележувањето на 100-годишнината од неговото раѓање. Идејата за тоа спонтано се роди на почетокот на годината кога беше најавена оваа манифестација и тогаш ја напишав песната „Аманет од Конески“, како завет што не обврзува сите да го чуваме и развиваме неговото грандиозно дело. Така почнав да создавам и нови песни со родољубиви, татковински и патриотски мотиви. Посебна инспирација во тоа ми беше песната „Преживување“ од Конески со која ја започнувам збирката, а таа толку многу соодветствува на времето што го живееме, што верувам дека секој што ќе ја прочита ќе го препознае и она што ни се случува денес: „Какви порази сме морале да издржиме, какви срамови, какви поруги. Боже, умот дури ми се свртува! Ни помагало нешто, нѐ крепело нешто, некаква смешка, некаква површност – и по сето тоа во нас, некаква надеж, некаква желба, некаква скриена смисла, безрасудно пак изртува!“. Борбата за преживување не завршува со заминувањето на Конески, туку остана со нас и на сите ни создава немир и неспокој од она што ни се случува. Тоа чувство кое извира длабоко од душата и срцето на нашите обични луѓе, на помладите и повозрасните граѓани, го искажав низ песните во оваа збирка „Рој беспокој“, што се очитува и од насловната страница низ графичкиот приказ, но и низ еден мал фрагмент од песната „Немир и неспокој“ создадена од насловите, како песна од песните, што е уникатна појава во нашата поезија „Кажи Македонијо, Маѓепсана Татковино, Возљубена и загрижена, Затрепена и заслепена, Овената и осамена, Камена и занемена, Страдбина и судбина, Казнина и небиднина, Вистина преименувана, Кажи Македонијо, Кој ги откина твоите цветови, и отфрли младите цутови?! Има да нè нема, Македонци, Сите во бој, Сакам да останам!“. Она што пишувам за среќата, љубовта, спомените и судбината, го кажувам во песните од првата стихозбирка „Трепети и немири“ што не можев да ја промовирам минатата година поради мерките предизвикани од пандемијата.
Кратово, Мариово, Беговско Водно, имате песни создадени по некоја Ваша инспирација. Од каде токму инспирација за овие набројани места? Но, и короната и карантинот сте го “опејале” со стихови…
–Споменатите песни, како и останатите во стихозбирката „Трепети и немири“, како што и спомнав, се создадоа минатата година како предизвик на нашето затворање со појавата на пандемијата од коронавирусот. Ако не се случеше епидемијата, можеби немаше да се роди и поезијата?! Во такви услови барав начин како најбрзо и најлесно да дојдам до читателите кои најпрво ги освоив со циклусот колумни што ги објавувам во „Слободен печат“ како нивни одглас на она што ни се случува во државата и општеството. Впрочем, на оваа тематика имам напишано книга под истиот наслов во 2019 година, па затоа не ми беше тешко да се трансформирам во поет и почувствуваните трепети, немири и загрижености, не само од пандемијата, да ги преточам во песни и книга под истиот наслов. Инспирацијата пак за Кратово, Мариово, Беговско Водно, па моето родно Долно Агларци и други места, ја добив од неспокојот поради нивното празнење (на Водно – узурпирање) и напуштање од младите поколенија барајќи ги причините и одговорноста на водечките и владејачките структури. Песните се подредени во четири циклуса: „Екот на зборовите“, „Говор на срцето“, „Меѓу јавето и сонот“ и „Спомени роднокрајни“, а самите наслови ја посочуваат тематиката искажана низ мелозвучна поетика закитена со ненаметлива ритмика и здрава критика, со логика и полемика, со динамика, симболика и романтика. Во нив има многу прашања, чудења и неспокој, многу трепети, немири но и силни воскликнувања, како што е во последната песна „Мојата поезија“ со која ја завршувам книгата и на крајот возвикнувам:„О, луѓе мои, поети и творци, земјени и одземјени борци, отворете очи, не бидете слепци, сите вие мали и големи Македонци!
Шест книги се зад Вас досега и тоа со навистина интересен распоред. Имате две стихозбирки, еден роман и една книга со Ваши колумни, една мемоарска и една публицистичка… Мошне интересна е и Вашата биографија. Роден во Агларци Битолско, средното образование го завршувате во Битола, па следува Воена академија во Белград. Но победува љубовта кон пишаниот збор, па се запишувате на Институтот за југословенско новинарство и вонредно имате завршено Висока политичка школа во Белград. Што уште ќе додадете во вашето CV?
-Можеби е доволно ова накусо што го кажавте за моето CV, а за да биде комплетно, да се пошегувам, кон него треба да ги додадете и сите содржини од овие книги што ги набројавте. Всушност, сакам да кажам дека во творештвото кај секој автор, и колку тој да не сака, присутна е мислата и приказната за неговите доживувања. Јас, барем малку да се разликувам од тоа, 2016 година напишав книга „Јас“, која не само што ја надополнува мојата биографија, туку, раскажувајќи за себе во различни времиња и околности, раскажувам и за многу други луѓе кои го надоградуваат мозаикот на моето, но и на нивното живеење. Низ приказната за мене сакав да кажам и да докажам дека, всушност, јас, не е тоа моето его, не е мојата воздигнатост, издвоеност и самобендисаност. Тоа е приказна за секого, за мене и за другите обични луѓе, која во поголем дел е расказ за збиднувањата во минатите години преполн со спротивставувања и борба за подобар живот. Книгата ми е посебно драга затоа што им ја посветувам на моите внуци како приказна за мојот живот, но и како четиво со поуки и пораки што произлегуваат од моите кажувања за животните настани, за многуте проблеми, оптоварувања, премрежиња и преживување. И не само ним, туку и на сите читатели и љубители на пишаниот збор кои сакаат да ги сознаат сите предизвици на времето и да се пронајдат себеси во многу сегменти што ги нуди професијата, за да ги остварат основните човекови придобивки низ животот преполн со имагинарни состојби и апстрактни појави, со недоброј позитивни и негативни човекови страсти. Тоа сакав да го постигнам со кажувањата и доживувањата што произлегуваат и од секвенците за судбината, учењето, историјата, среќата, завидливоста, љубомората и времето, како есеи со длабоко етичко- моралистички пораки.
Долги години, поточно децении работите и како уредник на списанија и весници. Што Ве привлекува толку силно кај новинарството?
–Точно е дека подолго време професионално работев во новинарството, и тоа може да се заокружи на петнаесетина години, кога најголем дел бев уредник на воениот весник „За победу“ во поранешната ЈНА, а три години пред нашето осамостојување, станав прв уредник на списанијата „Народна армија“ и „Фронт“ на македонски јазик што излегуваа и се печатеа кај нас во рамките на „Нова Македонија“. Останатиот дел бев ангажиран во воената професија, а кариерата ја завршив 2005 година во чин полковник како раководител на Инспекцијата во Армијата на Република Македонија. Без оглед на овие околности, речиси цело време соработував со пишаните медиуми и објавував написи со разни содржини. Затоа можам да кажам дека и во практика ми се потврди она непишано правило во новинарството за кое учев дека оној што го помирисал и еднаш каснал „новинарски леб“, ќе го јаде до крајот на животот. Но прашањето беше за привлекувањето на новинарството? Порано поинакво беше мислењето, а и привлекувањето на оваа професија, која навистина е трудбеничка – бара и физички напор, но најмногу е ителектуална, постојана и стресна, бидејќи е без работно време. За волја на вистината, тогаш не само што постоеше мислење, туку и навистина новинарите беа атрактивни и привилегирани, беа луѓе боеми од редот на највисоко платените професии. За жал денес од тоа ништо не остана, или само го имаат поединци кои тврдам дека сигурно не го заслужуваат?! Јас, пак, со новинарство се занимавам од љубов кон пишаниот збор и желба секогаш да ја кажувам и бранам вистината, па колку тоа и да биде опасно и ризично, зашто на многумина ваквото новинарство не им оди во прилог. Понесен од овој порив ја напишав и книгата „Што ни се случува“, која планирам повторно да ја објавам како нејзино продолжение.
За Вас е исто така специфично дека книги почнавте да објавувате по Вашето пензионирање. Не би било благородно да ве прашам зошто не и порано, но би прашала што Ве мотивирало токму баш тогаш?
–Одговорот за ова до некаде е содржан и во претходното прашање, но сакам да појаснам дека моето ангажирање во воената професија не ми дозволуваше ниту интелектуално, ниту физички да се посветам на пишувањето книги. Погодно време и простор за тоа ми се отвори со пензионирањето, кое за жал на многумина им создаде големи проблеми и од таа крстосница на животот не знаеја каде да тргнат и кој пат да го фатат. Престанувањето на работниот век мене ми даде можност повеќе да се посветам на она што најмногу го сакам, иако во почетокот, навистина немав намера и не планирав да пишувам книги. Идејата се роди по моето ангажирање за уредник во весникот „Пензионер плус“ каде бев поттикнат во 2013 година да ја напишам мојата прва книга „Чекорења низ животот“ која беше прогласена за најдобра поддржана публикација од Сојузот на здруженијата на пензионери на Македонија. Тогаш ми се исполни желбата што од поодамна тлееше во мене да ги ставам на едно место запишаните настани за случувањата за да останат подолго запаметени и да сведочат за времето поминато. Со таа книга отворив нова страница во мојот новинарски опус и почнав од свој агол да ги набљудувам настаните и отворено да кажувам и да ја раскажувам вистината. За да го привлечам вниманието на моќниците, почнав да ги фалам и во фалбите иронија да ставам. Таквиот асоцијативно- метафоричен пристап ми овозможи послободно да се изразувам и конкретно да кажувам за настаните за да ги пробудам заспаните. Можеби гласот не допираше толку до оние до кои требаше да допре, но до јавноста сигурно стигнуваше…Ете, така во подоцнежни години почнав да ги создавам моите книги, но како што велат за добри дела и намери, има многу такви примери!
Едно од Вашите најинтересни остварувања е романот “Зоре” , за едно необично доживување, базиран на вистинит настан. Опишете ни ја накратко оваа интересна содржина.
–Книгата „Зоре“ предизвика голем интерес кај читателите но и полемика кај некои мои соперници за тоа дали навистина ова остварување од 150-тина страници може да биде роман, како што го оценија рецензентите со тврдење дека станува збор за исклучително добро и современо дело. Тие завидливи типови се појавија со непознавања на литературата, со ретроградни размислувања и други небулози, што не заслужуваат внимание?! Но, прашањето е за содржината на романот? Навистина станува збор за вистински настан чиј главен јунак е се уште жив, иако дејствијата се одвиваат во почетокот на седумдесеттите години од дваесетиот век. Приказната беше предизвикана од моите животни приказни што ги прочитал раскажувачот во книгата „Јас“ споредувајќи ја како многу постреснаи поинтересна за да се прераскаже. Имено, станува збор за тогашна организирана банда во Белград која случајно го заробила мојот соговорник и насилно го ставила во семејна гробница да изврши кражба на забни вилици и друг златен накит од свежо погребаните маж и жена со нивниот син свршеник, кои настрадале во сообраќајна несреќа на враќање од веридба. Под закана дека ќе го убијат ако не биде послушен, по извршената „хируршка операција“ бандитите го оставаат „Зоре“ во гробницата и го затвораат со тешка мермерна плоча, која за среќа до крај не налегнала во лежиштето и низ прорезот се појавила надежта за преживување. Од гробницата почнува да се „одмотува клопчето“ за животот на главната личност со сите предизвиции несреќи но и надеж дека се може да се надмине ако се верува во себе и во животот во кој нема безизлезни ситуации. Прераскажувањето на романот далеку би ме одвело, па затоа нека ова биде мал предизвик да се прочита книгата и од тоа да се извлече некаква животна поука.
Пишувањето колумни во дневниот печат е уште еден Ваш печат. “Што ни се случува? “, (се) прашувате уште во насловот на книгата. Што Ве збунува толку во оваа наша реалност, Вас, како автор?
-Сега навистина ме погодивте во мојата вистинска „новинарска жица“. Веднаш да кажам дека мошне ми е познато и јасно што случува во нашата реалност и ништо не ме збунува. Држејќи се за мотото од книгата со познатата мисла на нобеловецот и добитник на пулицеровата награда, Ернест Хенингвеј за целта на пишувањето: „Мојата цел е да ставам на хартија се што гледам или доживувам, на најдобар и наједноставен начин“, сакам да осветлам и да објаснам многу работи зошто ни се случуваат и што треба да направиме во иднина да не ни се се случуват. И насловот на книгата произлезе од чудењето што се провлекува низ содржината на колумните за таквите настани, како и за прашањето кон каде ни е свртен компасот?! Многупати сум кажувал, па и сега го повторувам истото дека тој восклик и предупредување излегува длабоко од душата на обичните граѓани кои бараат чаре за сплотеност, за подобро и поквалитетно живеење и за јакнење на правото и правдата во државата! Најпосле, сите заедно сакаме нешто да направиме и веќе еднаш да се оправиме. Ете и поради тоа, како автор, се прашувам и како секој обичен човек така размислувам.
Во оваа книга забележав дека најмногу колумни посветувате на проблемите на пензионерите, впрочем Вие сте и на нив посветен со Вашето поранешно ангажирање како уредник во весникот “Пензионер плус”. Што ги мачи нив најмногу, накусо кажано?
–Пензионерите се набројниот дел од нашата популација (над 300 илјади), од кои околу 270.000 се организирани во посебни здруженија и во рамките на Сојузот на здруженија на пензионери на Македонија (СЗПМ). Отсекогаш тие биле таргетирани од власта како голем гласачки потенцијал за нејзино подолго владеење. Можеби затоа непосредно пред избори најмногу им се додворува, а со нереални ветувања и залажувања особено за зголемување на пензиите, успева да ги клиентизира раководствата и да ги впрегне да работат во нејзин интерес. Така беше со претходната гарнитура раководители во СЗПМ кога власта ја водеше партијата ВМРО ДПМНЕ, а тогашниот претседател отиде до таму што склучи меморандум со намера да си го осигура и наредниот мандат. Два- тројца негови блиски соработници со напредни сфаќања (по сугестија на тогашниот секретар (жена) и јас им се придружив), му се спротивставија за таквите дејанија, поради кои за него пукна мега афера, ама брзо се заборави зашто уследија нови избори со нова афера. Се шпекулира дека и сегашната претседателка на СЗПМ (секретар во претходниот мандат) со помош на актуелната власт на нелегитимен начин се домогна до функцијата и така клиентелизмот само ја промени страната, а пензиоберите повторно си останаа со ветувањата. Тогаш навистина се смени начинот на усогласувањето на пензиите, но истото стана бескорисно и невозможно поради некои условувачки параметри. СЗПМ продолжи да си ја пее истата песна за заштита на правата на пензионерите што им припаѓаат по Законот и за грижата за подобар и поквалитетен живот, што за жал никој не го почувствувал?! Јас не можев да се помирам со таквите состојби во пензионерската организација и почнав да објавував колумни во „Слободен печат“ за тоа што се случуваше таму. Не можев да го сфатам и камелеонизмот со брза трансформација на гореспомнатите “напредњаци” растревожен од тоа во една колумна силно возвикнав: „Ах, другарки и другари мои неверни! Зошто така направивте?! Па затоа што имаме „достоинство“, а и интересите ни се повисоки! Сега доаѓаат избори и не треба да дозволиме да ни секнат извори!“ Да, ве разбирам си реков во себе си…Бесрамно така се преобразија, си фатија добри позиции и останаа под влијание на сегашните структури. Значи, ништо не се промени на подобро. Тврдам дека ова вака ќе продолжи се додека на чело на СЗПМ не застане човек што ќе знае да ги менаџира работите и без да потклекнува и подлегнува на условувањата. Дури тогаш пензионерите ќе имаат поголеми пензии и ќе почуствуваат поголема грижа за поквалитетен и подостоинствен живот. Да се надеваме дека тоа ќе се случи во (не)догледно време! Па, нели, надежта последна умира?!
Да ја опфатиме и книгата “Чекорења низ животот”, што ја споменавте веќе. Вашето чекорење почна од битолското село Агларци, живописно село со живот базиран на нашата богата етно традиција, каде за славите се потсетувате дека Вашиот татко, виртуоз на дувачки инструменти, ги веселел селаните…Агларци Ви е инспирација и во пишувањата, целиот тој битолски крај ..
-Вистина е ова што го кажувате, само што сакам да ве исправам во поимот за живописноста на моето село, во кое страдањата ги потиснуваат убавините кои повеќе се чуствуваа во развеселеноста на луѓето отколку во раскошот на природата. Во тоа време големо внимание им се посветуваше на ррадициите, а посебно при одбележувањето на празниците, на кои младите, па и постарите, одеа во народни носии и на селските слави на средсело секогаш се свиреше и играше. Вистина е и тоа дека моето чекорење низ животот, впрочем како што се вика и книгата што ја спомнавте, започнува од моето село Д. Агларци на кое му ја посветив приказната „Леб од ковачница“. Во неа кажувам и за мојот татко, кој иако не беше вработен и во најтешки услови умееше да изнајде вистинско решение на задоволство на сите од семејството. Како еден од најдобрите свирачи во битолската околија, посебна дарба имаше за дувачки инструменти, а главно на грнета (кларинет) свиреше. Како вистински виртуоз извлекуваше недофатливи тонови и сам песни и мелодии компонираше. За свирење на овој инструмент тогаш многу подобар беше и од познатиот македонски кларинетист Тале Огненовски, со кого заедно оделе на свирење во повеќе пелагониски села…Во приказната раскажувам и за тоа како сум го замислувал, но и како сум го живеел животот главно во детството. За тој „сомун“ леб наш насушен, до кој и денес тешко се доаѓа, многу сум чекал да се испече во „ковачница“ за да го заситам, тогаш гладното дете во мене. Но, да не ја прераскажувам приказната…
Почнавме со “Трепети и немири”, да завршиме со тоа. Книгата ја посветувате на сопругата и внуците со аманет да ве помнат, и со порака – “ако ме снема некогаш, заборав да нема никогаш”. Но, авторите кои оставиле свои дела, знаеме, тие немаат заборав…
–Така е. Речиси низ сите книги на соодветен начин ги спомнувам моите деца, моите внуци и бездруго мојата сопруга, зашто сакам кога ќе ме снема да остане сеќавањето на мене, а се трудам така да биде и во поширока смисла на зборот, бидејќи со моето заминување сакам да останам и во општествени рамки. Најпосле, тоа го кажувам и во мојата песна од најновата стихозбирка „Рој беспокој“ во која во последната строфа нагласувам зошто сакам да останам: Сакам нови творби да остварами дел од себе да оставам, за немирот и молкот на векот, за трепетот и викот на екот, без овој глас и стих во рима, и потоа сакам песна да има. Сакам да останам…
Валентина Ѓоргиевска Парго