КулАрт со отворени прашања за двајцата потенцијални носители на тутулата- Градоначалник/Градоначалничка на Град Скопје! 

Во текот на предизборниот период Редакцијата на КулАрт ги контактираше кандидатите за градоначалници на Град Скопје, со идеја за интервју во врска со нивните визии за културата и сцената.
Некои од нив лесно прифатија интервју, но сепак не одговорија на нашите прашања.
Во интерес на јавноста, сега кога сме на чекор до изборот на градоначалник или градоначалничка, до двајцата кандидати господин Петре Шилегов и госпоѓа Данела Арсовска, јавно ги поставуваме истите прашања, со желба тие да бидат одговорени пред скопјани, пред или по изборот.
ПРАШАЊА:
-Кога би се истакнувало значењето на културата за еден народ, особено за главниот град, не се сомневам дека градоначалникот/ градоначалничката како Прв Човек/Прва Личност, неа ќе ја стави на пиедестал. Таа претставува ликот на една нација, и на една држава, а главниот град е бастион на националната култура. Малку е тешко сега кога се е неизвесно, првенствено самата општа здравствена ситуација, да зборуваме за прецизни планови и најави, но на почеток, барем накусо, опишете ни го Вашиот генерален концепт и идеите кои ни ги нудите, од оваа област?
Постои една анегдота која ја знаете, многу е поучна, често се пренесува и добро е да се потсетиме- за време на Втората светска војна кога освојувачките сили агресивно ја нападнале Британија, и кога воените авиони почнале со денови да го бомбардираат Лондон, премиерот Винстон Черчил ги собрал министрите и им поставил прашање: “како да ги зголемат средства за одбрана на земјата, од каде да земат?”. На тоа, еден министер предложил парите наменети за култура да се префрлат во воениот буџет, „А што тогаш ќе браниме?”, со повратно прашање реагирал премиерот. Нема сомневање дека финансиите се основата на културата, уште од памтивек, од времето на славните богати мецени. Според Вас, колку од градскиот буџет годишно би требало да се издвои за таа намена?
-Универзална сала! На сите ни е јасно  зошто почнувам токму од оваа долга тема… За која варијанта од понудените низ годиниве се залагавте Вие?
На Скопје неодложно му треба голем културен центар: модерен, функционален, сенаменски, претставителен. Сите љубители на културата го чувствуваат тоа. Градоначалникот во овој мсндат, господинот Петре Шилегов, најави минатата година на премиерата на филмот” Хомо” на покривот на  ГТЦ, токму таму да се направи таков стаклен центар, што навистина звучи доста примамливо. Вам, госпоѓа Данела, како ви изгледа оваа идеја, или имате некоја друга !
Има и други запуштени, а креативно возбудливи простори, кои што  заслужуваат да се најдат на културната мапа на градов, ова со пренаменување на просторот на Македонски Пошти покажа дека е така, и е полн погодок. Можеби има уште некој таков скриен простор, сигурно има.
Со оглед на целокупната слика и историја на Скопје, културата е мултинационална, што ќе рече таа е како  “една богата слика со многу моменти и украси во неа”  чија визуелна хармонија мора да остане нечепната, но оттука и обврската подеднакво да се негува, подеднакво да биде застапена и неизоставно да се среќава и преплетува една со друга етничка култура, не да се разминуваат. Имате поконкретна визија во таа насока?
Неизбежно е во еден ваков, сепак релативно мал простор (Град), да се соочуваме и со мешање на  културата со квазикултурата. И со тоа, да се расипува убавото. А кај нас мислам сосема и се запоставува супкултурата, која најчесто е двигател и погон на нови идеолошки процеси. Последнава деценија пак урбаната култура е на “мускулите на ентузијасти”. А главен град без урбана култура, го губи својот урбан статус , зарем не? Ве замолувам за Ваша визија околу тоа.
Не може да се избегне и констатацијата дека културата е маргинализирана, од една страна, а и узурпирана од друга, со фактот дека одредени шеми постојано наоѓаат начини како да го земат оној најголем, “лавовски” дел од буџетите, а да не направат нешто многу значајно. Што ќе преземете и како ќе се заштитите од притисоци на луѓе од културата и сцената, поврзани во шеми, врз Вашата работа или врз работата на комисии, институции? Мала средина сме, секој со секого се знае, не може тоа така лесно да се избегне.
И културната политика на градот, на едно друго ниво, се чини како да е свртена само кон еден круг луѓе. Практично не постои културна институција која нема свои пулени. Треба да се направи механизам како да се спречи нивното дејствување, добри комисии кои тоа ќе го разврстат како што треба…
На база на тие многу измешани и недефинирани настани (кои неретко ги продуцираат самите културни институции) луѓето многу погрешно естрадните и забавни настани почнаа да ги толкуваат како културни, а и тие самите така ни ги претставуваат. Планирате да промените нешто во начинот на нивно поставување, дефинирање, функционирање и финансирање?
Имаме и одредени скапо платени и многу посетено концерти.  А и приличен број на настани без доволна посетеност. Интересот на луѓето за култура е згаснат. Дури и самите професионалци се индиферентни, честопати во само еден постер или програма за настан ќе забележам куп грешки, како оние кои што ги правеле да не биле доволно заинтересирани за својата работа.  Потребна е реорганизација на поставеноста на нештата, нов метод. Од каде ќе почнете?
Кога се зборува за проблемите во културата знам дека најголем дел првенствено ќе речат – само зголемување на буџетот. Јас би рекла – и правилно распределување, над се.  Не можеме да зборуваме за надежи во културата, се додека за естраден настап на настапувач од надвор се одвојуваат енормни и шокантни суми, искажани во неколку десетици илјади евра, а за настап на културни работници и уметници повеќе од скромни суми. Нив им треба поголема домашна поддршка. Се согласувате?
На слободните уметници и музичарите од Скопје, во изминатиов “ковид – период” нагло се им се пресече, немаа доволно живи настапи, немаа приходи, егзистенцијата им е доведена во прашање, и сега, повторно се спречени од неизвесност на ситуацијата што следува. Доколку сево ова потрае, имате план како ќе ги “нахраните” нивните потреби за настапи?
Не е лесно мерливо какво треба да биде распределено финансирањето на културата, но некои параметри мора да се следат. Просто речено, тоа се гледа од самиот факт што потребата на народот за културата прекинала или е значително намалена. Вие, каде го лоцирате проблемот за намалениот интерес?
Еве и попластичен пример. Се чини дека Eight-hour Movement е најголем пријател на развојот на културата. Работници во Чикаго, преуморни од 12-14 часовно работно време, во 1864 година почнале да прокламираат поделба на денот на три еднакви делови по осум часа, 8 на работа, 8 одморање и 8 за приватност и за културно издигнување, и кога тоа заживеало во реалноста, државата водела сметка за тоа да осмисли осумчасовно културно издигнување, така понатаму отпочнале и почетоците на филмската уметност. И кај нас ние повозрасните паметиме дека некогаш вистински “стокмена” култура со сите нишани и која имаше значајно место, многу се вложуваше во неа, и тоа чинам го имаше прицврстено целото општество со добри бургии. Денес не само што е тоа запоставено имаме и друг проблем – во помалите градови луѓето имаат вишок слободно време, но немаат никакви културни настани, во Скопје понекогаш се преклопуваат настапи еден врз друг, и не можат се да престигнат, но и плус повеќето работаат и по две работи и немаат време. Може да се направи некаков баланс?
Поврзано со претходното прашање е што некои настани, кои се и поддржани од Град Скопје воопшто не допираат до пошироката публиката, не се изрекламирани преку сите медиуми избалансирано, како што треба или се прават по малку “молчешкум” , а се издвоиле пари за нив. Како да се зголеми интересот а да не биде принудено, да се пробуди добрата волја? Потребен е некаков адаптер во таа мала (дис)конекција, на релација културни настани – публика.
Според Вас, недостига ли една голема централна културно музичка манифестација, некој фестивал, настан, нешто што ќе му даде силен печат на Градот, и препознатливост?
Поминавме и “затворени” , стегнати, крути, ригидни периоди, во кои, на културата, уметноста, музиката, не и се даваше шанса, ако не беше поврзана со некаква идеологија, подобна за партиите на власт. Градоначалникот/ Градоначалничката, се разбира, дека мора да биде ослободен од такви сфаќања, велам, и да се отвори простор за едно пошироко создавање и креативност. Не заробено, не по налог, или по притисок. И со поголеми шанси за младите.
Младите луѓе, во склад со времето во кое живееме, се повеќе мислат дека допир до културата се главно онлајн стриминзи, шерување на линкови и цитати на фејсбук, многу повеќе од дирекно соочување со неа. Еве да речеме, можете ли да осмислите со новиот превоз, да им овозможите нив, а и на сите граѓани секако, барем бесплатен превоз на културни настани, купената или резервирана влезница да им биде и билет за возење до настанот и назад, за да им се овозможи поголема присуство, зборуваме за во нормални времиња кои ги очекуваме повторно. Веќе имавме едно такво искуство, со фестивалот “Скопје Синема Сити ” минатата година.
Редно е да се осврнеме и на големи уметнички имиња кои имаат врвен придонес за културата, за Скопје и кои ја задолжиле и националната култура, а нив повеќе ги нема. Тие ни оставиле тивка обврска достојно да се чува нивната трага, дело, сеќавањето на нив. Стана збор за реновирање на куќата на сликарот Лазар Личеноски, а за музејот на музичката ѕвезда Есма се уште немаме слушнато некое конкретно решение. Сте размислувале ли некогаш и за музеј на познати и заслужни личности од културата, каде ние би можеле во секое време да влеземе и да се информираме се за нив и за нивниот творечки живот?
-Пред години слушнав нешто што ми се виде симпатично и сакам да Ви го пренесам, кое може и да премине во корисна навика на граѓаните кои живеат во поголеми градови. Новинар од голем европски град ми рече дека наутро прво отвора на страницата на градот да се информира за се на дневна основа, каде пишува буквално се, а потоа прелистува други страници и излегува подготвен со информации па така, мошне лесно функционира, ништо не пропушта, а навечер завршува со проверка на истата страница. Би било убаво кога би имале плус една таква, целосно информативна и сервисна фб страница на Град Скопје, “полна ко око”.
Скопскиот ноќен градски живот во осумдесеттите посебно во деведесеттите беше поим за урбана култура. Кои се Вашите најголеми впечатоци од тоа време, што би вратиле повторно од сето тоа, кога би можеле?
Можеби Ви звучи јас со Вас како да разговарам со веќе поставен градоначалник/градоначалничка , но тоа е намерно, за да извлечам што повеќе од некоја “идна слика”.  Кога би си ги смениле сега местата на неколку мигови, повелете, би Ви дала можност сам да си поставите прашање во рамките на ова интервју.
Во оваа прилика успеавме да одговориме доста, она што остана непрашано и нечепнато, останува за следната прилика. На крај, би сакала да ја  споделете со нас Вашата желба, по што би сакале, доколку станете Градоначалник/ Градоначалничка , скопјани безвременски да Ве запаметат?
Со почит, 
Валентина Ѓоргиевска Парго, новинар и уредник на КулАрт
куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.