Горјан Петревски  – Творештво како ода на животот

Јас имам обичај да кажам за Горјан дека е сѐ уште најмладиот и најчитаниот професионален писател за  деца и млади кај нас. А деновиве дознав дека вториот дел од романот „Марта“ со наслов „Другата Марта“ е испечатен во 1.000 примероци и веќе продаден. Па оттаму ќе го почнеме и разговорот…

Разговорот го водеше Татјана Гогоска 

– Ти благодарам, Тања, и за „најмлад“ и за „најчитан“, иако за две неполни лета, во јануари 2020 г. ќе одбележам половина век од мојата прва авторска објава на расказот „Старата црешна“ во списанието „Развигор“. Зашто, годинава, да потсетам, се наполнија и 45 години од појавувањето на првата книга „Гороцвет“ за која најзаслужен е големиот човек и писател, а потоа и пријател Видое Подгорец. А сѐ уште сум „најмлад“ затоа што бев не само еден од ретките, ами единствениот во својата генерација кој целосно ѝ се посвети на оваа литература. Долги години останав „осамен“, но и „најмлад“, затоа што не се појавуваа нови имиња. И не се каам поради тоа. Сепак, на најубав начин ми е возвратено. Ете, со тоа ќе го поткрепам и она, твоето, „најчитан“ кое одговорно ме обврзува пред читателите, иако не сум само јас. Во македонската литература за деца и млади уште пред мене има прекрасни автори и книги, а некои наслови одамна се веќе класика. Затоа и ме зачудува податокот зошто интересирањето на млади и нови автори за оваа возраст не е на нивото на кое треба да биде!? Во последно време, сепак, почнуваат да се чувствуваат и нови навеви. Нека се добредојдени. А што се однесува до романот „Марта“, минатата година со двеилјаден тираж го одбележа своето 20-то јубилејно издание. Ама истовремено се појави и „Другата Марта“ како втор дел и продолжение на приказната, кој сега се бара меѓу публиката. Наскоро ќе се појави и второ издание. Ако во првата „Марта“ имаше „недоразбирање со животот“, „Другата Марта“, всушност, е „ода за животот“ со нови заплети и расплети, би рекол, целосна сторија за девојчето Марта и другите ликови во романот.

А на 10 јуни оваа година, во Детското одморалиште „Радости“ во Охрид, (таму е снимена и прекрасната серија „Втората смена“ според романот од Велко Неделковски), каде што почнав да го пишувам вториот дел, на годинашниве 39. Детски лирски треперења, Сојузот за грижи и воспитување на децата на Македонија, на вратата од собата број 27, постави плочка со овој текст: Во оваа соба, во април 2016 г., писателот Горјан Петревски го пишуваше романот „Другата Марта“. Тој момент, да бидам искрен, ми причини задоволство, ми внесе некоја возбуда, како да допрев нешто што се нарекува класика, но на свој начин, потајно и ме растажи.

–  Што е за тебе „Марта“?

– Првпат некој ме наведува на тоа што претставува за мојата авторска интима романот „Марта“? Преку него, главно, ме препознаваат. Иако самиот не мислам дека ми е најдобриот во мојот опус. Можеби тоа е „Сама“ или „Исти очи“, трилогијата „Споменка“, „Спомените за Споменка“ и „Сонот со Споменка“, но и „Вечниот ветар“ и „Далечна љубов“, а и „Снеговите на Климентина Евин“ кој како и „Марта“, е пишуван според вистинска случка по добиени исповедни писма на адресата од „Вљубената страница“ во „Наш свет“. Тоа беше популарна тинејџерска рубрика која преживеа 36 години и од која имам сочувано седум-осум илјади писма. А и другите романи можеби ја надминуваат како што се, на пример, „Пламени залези“, „Јавачот на божилак“, „Ехото на старата тага“… Сепак, читателите се тие што одлучуваат, а „Марта“ ми е првиот роман со кој влегов во урбаниот простор. Ќе се сетам на Глигор Поповски, авторот на лектирниот роман „Бојан“, кој ми ги објави првите раскази во „Развигор“, но по излегувањето на „Споменка“ и успехот што го има романот речиси триесет и пет години, провокативно ме праша што ќе пишувам кога тематски ќе го исцрпам селото? Тоа ме подзамисли, но и ме разбуди, па набрзо ја напишав „Марта“ која еве, три децении се чита и се преиздава. Со неа ќе да се докажав и како „урбан“, а не само како „рурален“ писател.

 -Колку книги се во твојот досегашен творечки опус?

– Веќе не ги бројам. Ќе да го надминав бројот 30. Кое раскази, кое романи, а една и поетска, „Татковата прва љубов“. Но повеќе од половината ми се романи. Меѓу нив и две книги за возрасни: „Духот на Михаела Косар“, роман и „Моите мали вистини“, цртички и записи.    

 –  Работеше со години во „Просветно дело“, сѐ до пензионирањето. Што те врзува за тој период?

– Работев повеќе од десетина години и тоа речиси како професионален писател. Убави времиња во турболентен период. Зашто, по распадот на НИП „Нова Македонија“, „Детска радост“, за среќа, премина во „Просветно дело“ со списанијата „Наш свет“, „Развигор“, „Другарче“, „Росица“ и издавачката дејност. Во тој период, како автор, веќе бев во подем со моите книги. Генералниот директор на „Просветно дело“, г. Павле Петров имаше неверојатен слух да ми допушти уште повеќе да се раскрилам, да ме објавува и да ме преобјавува, а моите книги поминуваа на „пазарот“. Имав слобода на движење, посета на училишта, градинки, библиотеки, домови на култура. Насекаде каде што бев пожелен. А каде и не бев прифатен? Најпосле, ако веќе станавме капиталистичко општество, да бидам искрен, за наши услови, добро и заработував. Впрочем, за „Детска радост“ во годините поминати во „Просветно дело“, ме врзуваат најзрелите творечки години. До денес, а и понатаму, засекогаш. Убаво е да се пишува за деца и млади, но и да се има издавач каков што е „Просветно дело“ кој најорганизирано ги продава своите изданија.

– Мислиш ли дека конечно нешто се помрдна во литературата за деца во Македонија.

– Би сакал, но сѐ уште не сум доволно сигурен. Барам и очекувам многу повеќе. Во севкупната книжевност сѐ почнува од онаа за деца и млади. За да имаме читатели и подоцна, во „возрасната“. Добро е што се прават напори за поддршка на проекти, но треба да се одбираат и познавачи што живеат со оваа литература, што ја сакаат и ја разбираат. Избори и антологии да не прават оние што се далеку од неа. Ако државата одделува материјални средства, препорачувам, покрај давањето умесно да се одредува кој и како ќе ги спроведува проектите. Очекувам некои од поновите автори кои во последниве години се пројавуваат, да се допотврдат, сериозно и одговорно да ѝ пристапуваат на оваа литература која бара целосна посветеност, а не само излет по евентуален неуспех и несигурност во „возрасната“, па оттаму „трансфер“ во „детската“, каде што ќе ги пречека најпребирливата читателска публика. Добар автор е оној кој барем по еден наслов ќе го препознаваат. Може тоа да бидат, да речеме, Кузман Кузмановски, а и Анета Велкоска, потоа мошне луцидната Виолета Ѓуровска со својата најнова книга „Сонови и од нив приказни“, а очекувам сериозно да се вклучи и Ксенија Маказлиева-Трајчева… Од Струмица добро се најавува Сузана Мицева, а тоа го прават и Симона Маџовска, Марина Мијаковска, Ана Бунтеска… Најмладиот е Филип Димкоски кого што публиката го прифаќа на јавните настапи со тоа што понудува еден поинаков, би рекол, пошармантен приод. Овие имиња ги наведов само патем, а има и некои други кои ми бегаат од моментов. Со убави тинејџерски романи неодамна се појавија Нина Насеска со „Авантурите на Ела Вилсон“ и Магдалена Јакимовска со „Зар ова е крајот“…

– Кој е твојот, лично, најголем успех?

– И на ова прашање, почитувана и драга колешке Татјана Гогоска, како да сум затекнат пред да одговорам. Не знам колку сум успешен; тоа треба други да го потврдат, но знам дека во животот го работев она што го сакав и кое целосно ме исполнува. Би рекол, сонот ми е исполнет и сѐ уште не ме напушта. Добивав и награди. Во два наврата наградата на ДПМ „Ванчо Николески“ за најдобра книга за деца („Пролетни дождови“ и „Спомените за Споменка“).

Потоа наградата „Св. Климент“ за најпродавана книга („Рано дојде љубовта“), награда на „Македонија презент“ („Сама“), награда за најбарана книга („Вечниот ветар“), „13 Ноември“ на град Скопје (трилогијата „Споменка“, „Спомените за Споменка“ и „Сонот со Споменка“), наградата „Витез на македонскиот пишан збор“… Ги имам и други. Но како најглем успех си ги сметам оние што ми доаѓаа од читателите за најчитан автор според бројот на позајмени книги, во библиотеките на ниво на држава преку НУБ „Св. Климент Охридски“ и „Браќа Миладиновци“ во Скопје, и тоа во повеќе наврати. Нема поголема награда од онаа што ќе ти дојде од публиката.

Од една заедничка промоција

– Каде ја наоѓаш инспирацијата?

Ја барам насекаде околу мене и не чекам самата да ме најде, затоа што тоа можеби долго ќе потрае или нема воопшто да се случи. А инспирацијата ја има во животот, во средбите со пријателите и читателите, од прошетките во природа.

Живеам во непосредна близина на Парк шумата „Гази Баба“ која е широка и инспиративна така што, секојдневно, со мојот пријател Илија Ташев економист по професија, но спортист по срце и вокација, а и голем љубител на природата и мајстор по боречки вештини, со познавање на џудо и аикидо, со црн појас шести дан во карате, секојдневно, дење или навечер, поминуваме по два часа во брзо одење, но напати и трачање. Сѐ уште како да не сум заминал од желбите во детството. Зашто, во Скопје дојдов да станам професионален фудбалер, но една повреда на ногата ме оддели од фудбалот. И овој податок, барем за мене, е значаен сегмент од мојата биографија. Бев талентиран фудбалер, а и весниците во тоа време ме најавуваа. Но тоа е веќе долга и сосема поинаква приказна. Инспирацијата од фудбалот ја пренесов во трилогијата за Споменка, а и во четвртата книга со лирски записи и со истиот лик – „Задоцнети писма до Споменка“.

– Збор-два за Горјан приватно. Со што си најмногу горд и каде го наоѓаш семејниот спокој?

– Горд сум, сосема разбирливо, со семејството. Најголемиот син Бојан, со просек од 10,00 беше студент на генерацијата. Тој е талентиран лингвист, магистер од таа област и наскоро ќе брани докторска дисертација,  а три години помина како лектор на ИНАЛКО во Париз. Вториот син Гоце ја доживеа истата судбина во фудбалот како и татко му, со повреда пред осумнаесеттата година, но не замина од спортот и секојдневно е во „теретаните“ со тоа што му останаа уште два испита на бизнис логистика на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип. Ако другите во семејството сме „уметници“ тој ни е практичар и признаваме дека ни е столбот на куќата. Зашто и ќерка ми Јана, како трето дете добиено уште пред кампањата за три деца, ќе биде македонист, со стипендија за талентирани студенти, а од есен ќе биде четврта година. Неа ја добив како роденденски подарок (родени на ист датум, 14 јули) од сопругата Гордана, која е новинар по професија, но работи во библиотеката „Браќа Миладиновци“ и има објавено две книги: „Ќерката на сонцето“ (сказна) и „Во одбрана на меморијата“, обемна книга со интервјуа на истакнати македонски автори.

А што се однесува до семејниот спокој, тој безусловно треба да се има. Можеби најмногу во творештвото. Долги години во летниот период го наоѓав во родното село Мренога, а потоа и во манастирот „Св. Илија Горни“ во Бањани каде што, благодарение на мојот другар, писателот Киро Донев, кој беше манастирски „домородец“, добив и јас соба. Тие години најмногу нему, но и мене ни се со Господов амин и значење. Од пред седум-осум години, тешките и жешки скопски лета ги поминуваме во викенд-куќата во Сопиште. Таму, во лето е посвежо, а во зима е многу студено и затоа, од октомври пак се враќаме и „одлетуваме“ на југ, во населбата Железарница, во зграда  на стотина метра од шумата „Гази Баба“, за која многумина не знаат каква убавина крие. Ем е шума, ем е на самоти дофат. Детството на моите деца е нераскинливо врзано со неа.

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.