“Финансискиот систем и состојбите во областа на перењето пари,
спроведување на процесот на спречување на перење пари во банките во Република Македонија” е нова стручна книга од оваа област, што ја потпишуваат д-р Билјана Бузлевски и д-р Наташа Георгиева.
Книгата несомнено претставува еден квалитетен истражувачки зафат, резултат на долгогодишно истражување на авторките во оваа област, во кој многу прегледно, систематски, јасно и концизно е направена синтеза на досегашната идеја на научната и стручна јавност за перењето пари преку детална анализа на спроведувањето на процесот на спречување на перење пари во банките во Република Македонија и се дадени јасни насоки за подобрување на функцијата на банките како дел од финансискиот систем во процесот на спречување на перењето пари.
Преку примена на насоките дадени од авторките во ова дело значително може да се придонесе кон подобрување на ефикасноста и на транспарентноста на финансискиот систем преку зајакнување на функцијата на банките во борбата против перењето пари и одредување насоки за развивање и за одржување ефикасен пристап во решавањето на проблемите поврзани со перењето пари.
Акцентот авторките го ставиле врз примарните извори на информации и врз референци и за секундарни изворина информации што се релевантни во однос на оваа интересна проблематика. Оценето е влијанието на перењето пари врз економскиот развој и врз финансиската стабилност на нашата земја. Критички се анализирани големиот обем, како и ефектот и влијанието на практиките на перењето пари, кои го попречуваат економскиот и политичкиот развој на земјите во развој, меѓукои и Република Македонија, за разлика од развиените земји.
Во материјалот кој третира една мошне суптилна проблематика, пишуван на едноставен и лесноразбирлив начин, се почитуваат академските стандарди во поглед на стилот, наведувањето на изворите и илустрирањето на текстот со релевантни податоци прикажани во графички прикази и слики.
Оваа книга претставува детално разработен и стручно презентиран труд, кој го препорачуваме како за оние коија „создаваат“, креираат политиката, менаџерите, така и за широката популација која би сакала да се запознае со финансискиот систем и состојбите во областа на перењето пари, со посебен осврт на спроведување на процесот на спречување на перењето пари во банките во нашата држава.
Во содржината на оваа книга е опфатен поимот и дефинирањето на перењето пари, ефектите од процесот на перење пари врз економскиот развој, финансискиот систем и состојбата во областа на перењето пари во Република Македонија, улогата на банките во процесот на спречување на перењето пари, спроведувањето на процесот на спречување на перење пари во банките во нашата држава, како и општи насоки и препораки за банките за поефикасно спроведување на процесот на спречување на перење пари во иднина, како и конфискација на приноси стекнати на криминален начин.
Книгите ја имаат моќта да ги прошират видиците и да не поттикнат да внесеме промена во начинот на кој гледаме на животот и светот околу нас. Не ретко тие нудат решенија за нашите бизнис проблеми, како и бегство од реалниот свет во свет полн со нови идеи и непроценливи препораки.
Вистинската книга може да не мотивира и да ни го даде потребниот стимул за да поработиме на нашиот личен напредок.
Перењето пари се однесува на финансиски трансакции што генерираат одреден профит како резултат на одредена нелегална активност. Квантифицирањето на негативните ефекти предизвикани од перењето пари врз економскиот развој на една земја е многу тешко, но она што е јасно е дека оваа нелегална и криминална активност има големо негативно влијание врз банките кои ја сочинуваат основата на финансискиот систем на земјата и се од суштинско значење за економскиот развој.
Здравиот финансиски систем се темели на сопствена стабилизација, транспарентност и ефикасност, што единствено може да се постигне преку спречување на злоупотреба на системот на банките во функција на перење пари преку воведување соодветни законски регулативи и одредби со кои прецизно се идентификуваат лицата што ги вршат трансакциите, но истовремено се оневозможува и се ограничува извршувањето на одредени финансиски трансакции, како и преку откривање на активностите поврзани со перењето пари преку законски регулативи и одредби со кои се овозможува централизација на податоците што ги користат органите што се борат со перењето пари и имплементација на специјализирани мерки за истрага со кои добиваат пристап до банкарските информации.
Целата оваа тематика е обработена на
310 страни, изданието е на база на самостојно финансирање. Рецензент е д-р. Цане Чапрагоски. Објавена е во тираж од 50 примероци.
куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени
со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски
текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски
содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се
цитира.