Почетна КУЛТУРА Литература Мендо Димовски својата книга „Рој беспокој“ ја посвети на делото на...

Мендо Димовски својата книга „Рој беспокој“ ја посвети на делото на Блаже Конески


Овој месец, во Домот на АРМ , поточно на седми октомври се случи официјална промоција на книгите „Трепети и немири“ и „Рој беспокој“, од авторот Мендо Димовски.
Својата стихозбирка со 34 песни „Рој беспокој“, авторот Мендо Димовски ја посветува на сто годишнината од раѓањето Блаже Конески.

На 34 песни е распослан неговиот респект кон големото дело на великанот, во книгата, чии рецензенти се Верица Мукоска и Мишо Китаноски.
Истакнуваме дел од импресивниот говор на рецензентот Китаниски, кој како и водителот Душко Ѓоргиоски за време на настанот кажаа грст пофалби за делото.
Господинот Мишо Китаноски во таа прилика рече:
-Промоцијата на двете книги „Трепети и немири“ и „Рој беспокој“од поетот Мендо Димовски, за мене и за сите нас претставува вистински празник зашто со нив се одбележуваат 100-те години од раѓањето на современата македонска икона Блаже Конески (1921 – 2021), човекот што во аманет ни ја остави првата воопшто македонска азбука, правописот и граматиката на македонскиот литературен јазик, но и неговата историја. А на поетот Мендо Димовски му се заблагодарувам што не почести со овие книги и нивните пораки.
Ви признавам, додека ги читав неговите нови песни (и оние неколкуте земени од претходната книга „Трепети и немири“) постојано ми беа присутни три загатки, како три прашалници: има ли место за толку големиот страв кај авторот –поетот Мендо Димовски, што и нам читателите ни го пренесува она негово кредо „има да не нема“, потоа следното негово прашање „кој“ и „каде се“ нашите Македонци во ова време – невреме, и уште: „Сакам да останам, односно да постојам и опстанам“ како Македонец.
Од погоре реченото паралелно со читањето се изградија и следните сознанија дека:
-Се работи за исклучително нагласената љубов на авторот кон татковината, значи станува збор за патриотска, родољубива, татковинска поезија, песни кои се исполнети со недоброј зборови за одбрана на еднаш веќе одбранетото, слободата
-Во книгата се објавени песни во кои силно искричат и прскаат тревожните звуци на ранетата интимност и погодената поетова душа која страда , и
-Под зборовите од стиховите се насетува и поетовиот бунт за одбрана на светото тројство: татковината, јазикот и неговата историја. да подвлечам дека иако книгата е составена од само 34 песни, таа нарочно (понекаде дескриптивно, а некаде вознемирувачки прозаично), бара активно читателско внимание. Зашто авторот – поетот М. Димовски предупредува и бара соучество во тоа што го критикува и отворено се бунтува, барајќи, повторно велам, за тоа поткрепа од нас читателите и најпосле не остава на бришаниот простор од животот на крстопат: кон каде да се оди и што да се прави?! Зарем е таков нашиот живот?!
Нашата вечна икона Блаже Конески во свое време рече и не предупреди дека доаѓа од „смачкано племе“, а многу подоцна Коле Чашуле пак му се придружи во мислата и допиша дека припаѓа на „болно племе“. Нема да најдеме надоврзување на овие мисли во песните на Мендо Димовски, зашто авторот не дава директен и очекуван одговор од „зададеното прашање“ на големите претходници, туку тој по свое, како што му милува душата си ја пее истата песна – како да се одбраниме ние и што да направиме за во иднина, како што предупредува вековниот Мисирков.
Далеку би ме одвело набројувањето на сите отворени поетски возбуди од овие тревожни песни како: иселените села, непријателски нападнатата севкупна историја на македонскиот народ што доаѓа од страна, секојдневните грешки и уште естрадниот повик во една од неговите песни: „На бој“. Со кого и за што?
Неговиот поетски повик „на бој“ не е ништо друго туку повик на сопствениот разум и постапки што свесно или несвесно ги правиме, сега во 21-от век, повикувајќи се „на бој“ за демократија, човекови права и слободи, тука /дома и на секаде преку нашите граници…
Точно поради ова доаѓаме до констатацијата дека се работи за збирка песни во кои стравот од загубата на татковото и татковинското подеднакво и податливо се наметнува како нешто што само по себе е веќе одбрането со одбележан патоказ дека потаму од секоја надеж има нова надеж, која на општо задоволство никогаш не умира.
Најпосле, одејќи според старото правило дека песните не се пишуваат, туку само се запишуваат, тогаш нашиот автор Мендо Димовски си ги запишал, си ги подредил и си ги „накитил“ своите дневни, односно делнички возбуди, своите песни со стравови и радости, со метафори кои се наколкани и до дно исполнети со рими и ритми, отворени прашања и податливи и искрени сознајби. Оттука и прашањето каде завршува колумнистот Мендо Димовски, а каде почнува поетот Мендо Димовски?
Уште може да се речи дека станува забор за естрадни песни, кои на пример во придружба на гитара би го заведувале заносно и шеретски секој слушател, а подоцна и читател. А тоа многу лесно се постигнува од мелозвучноста на неговиот пев, каде што е исполнет со кованици од нови зборови, но и со неговата поетска страст – на јазикозналецот Мендо Димовски.
Еден одамна заборавен македонски поет, во шеесеттите години на минатиот век, беше запеал:
„Јас и Мајаковски

ќе рецитираме песни

на плоштадите

скопски и московки“

Песните на Мендо Димовски не само што можат да се пеат на плоштадите во Скопје и Москва, туку и во Белград, Париз, Рим, Берлин, Мадрид и уште во многу други градови. Поголем број од нив поместени во збирките „Трепети и немири“ и „Рој беспокој“го имаат тој далечен трубадурскиодглас и набој што моболизира и ангажира, но и ја разгорува и подеднакво ја бунтува душата исполнета со чемер и јад на секој што си ја сака и возљубува татковината. Поетот Мендо Димовски си поставил тешка задача да го воспее сето она што ни се случува сега и тука! Дали успеал во тоа – одговорот секогаш останува кај читателот.
Најпосле, да се доречам: јас само гребнав од она што авторот сакал да го каже, а оцената за тоа е индивидуална – дали кажаното е вистинското очекување и доживување од читателот. А, тоа е содржано и во мојата објавена препорака во книгата. Пред многу децении нобеловецот Иво Андриќ беше рекол: „Ако напишеш и објавиш книга со песни, си положил мала матура, а ако напишеш и објавиш пак роман, тогаш си ја положил големата матура во литературата“.
Нашиот писател Мендо Димовски тоа веќе го има направено, тргнат во потрега на свои читатели денес и за утре…

 

 

 

metropolis-big