Песната “Валандовски смокви”, што ја испеа на годинешниот “Тумба фест”, фолк дамата Лиљана Прнаркова од Валандово ја вивна во полето на најславните фолк изведувачки и оствари хит со голема слушаност.
*Кога зборуваме за фолк музиката која се создава и пее во македонските гратчиња, особено Валандово, не смее да се прескокне името на Лиљана Прнаркова, долгогодишна пејачка позната во својот роден крај. Додека валандовчани многу добро Ве познаваат, македонската публика Ве запозна на “Тумба фест 2021”, годинава, каде остваривте хит. Како дојде до таа идеја?
-По поканата на директорот на “Тумба фест” Драган Јаким за учество на фестивалот заедно со тандемот Џони Вокер Џони и Далибор Ѓошиќ дојде до идеја за песна. Така се роди песната “Валандовски смокви”. Многу сум среќна што за прв пат имаме песна на валандовски дијалект.
*Песната е хит и има многу успешен и гледан спот. Среќна сте што успеавте да испеете навистина интересна и слушана песна? Каде го изработивте спотот, кој го потпишува?
-Благодарност на Дени од Радио Валандово и Ристе камерманот, со нив направивме спот. Спотот го снимивме во близина на Валандово, во една бавча со смокви. Па ме радува и тоа што беше баш и времето на смоквите. Песната стана хит со над 50.000 прегледи за кратко време.
*Кога почнавте со пеење на сцена? Се сеќавате на Вашиот прв настап?
-Се сеќавам на мојот прв професионален настап, тоа беше фестивал за аматери “Профест”- Пробиштип таму ја отпеав песната “Болен ми лежи Миле Поп Јорданов” и освоив награда. Со тоа ми беше овозможено настап на “Фолк фест Валандово” 1995 година со песната “Љубовта е вечна”. Потоа настапив со песната “Минав поминав” во 1999 година, и третиот настап ми беше во 2000 година со песната “Срцето ми гори”.
*Имавте песни да се определите само за пеење и тоа да биде Вашиот животен позив.
-Тоа беше време во Валандово кога ние пејачите имавме шанси и многу работа за настапи но, сега е поинаку времињата се сменија.
*Посебно атрактивно низ годините беше Вашето учество на концертите посветени на маестро Јанко Узунов, валандовчанец, Ваш дамнешен сограѓанин. Тоа го правите и со почит и со љубов. Имате и песна посветена на Узунов. Кој ја напиша?
-На покана на Жаклина Узунова заедно со групата “Уни бенд” имаме учествувано на концертите посветени на нашиот маестро Јанко со почит и љубов кон него. Исто така испеавме песна за Јанко на “Еврофест” каде што добивме Гран при. Музика и текст- Тони Узунов.
*Ќе настапувате ли и другите фестивали како соло изведувачка?
-Секако дека ќе учествувам и на други фестивали како соло пејач. По можност и на “Фолк фест Валандово”. По фестивалот “Тумба фест 2021” бев и на “Лешок фест 2021” каде што отпеав прекрасна љубовна балада “Срца вљубени” од истите композитори. И за ова песна во продукција на Радио Валандово снимивме спот. Морам да кажам во оваа песна се пронајдов јас, тоа е мојот стил на пеење.
*Кои се ваши други почитувани пејачи и пејачки, песни секако?
-Јас ги почитувам сите пејачи и пејачки, меѓутоа од секогаш мојот идол е Тереза Ќесовија.
*Пеете долго, имате интересна и за своја душа музичка кариера- Ви се остварија ли доволно желбите, или допрва?
-Морам да кажам дека уште од забавиште сум на сцена на сите училишни приредби. И имам неостварен сон сакав да ја учам музиката и да свирам на виолина. Песната е мојот живот. Сакам да пеам и тоа ме прави среќна.
Валентина Ѓоргиевска Парго