РОБЕРТ ВЕЉАНОВСКИ, ВМРО ДМПНЕ: Драмски се соочува со забот на времето и се плашам да не го изгубиме !

Познатиот актер и проф. м-р. господинот Роберт Вељановски е носител на советничката листа на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата за општина Карпош и еден од најкомпететните да прозборуваме за културата кај нас.
*Кога би се истакнувало значењето на културата за еден народ, особено за главниот град, не се сомневам дека имате своја визија како таа би изгледала. Вие сте индиректно инволвиран во неа. Што ви беше мотив да се пријавиле за носител на листа на советници?
-Културата е исклучително широк поим кој опфаќа неверојатно широк дијапазон на елементи од човековото живеење. Култура не е само читање или пишување поезија, снимање филмови, создавање скулптури…И не само како актер кој е повеќе од 28 години на сцените на македонскиот театар, вработен во Драмскиот театар од Скопје, туку и како човек кој има свое гледиште за културата (во најширокото значење на овој збор) и за случувањата во неа, ценам дека не сум индиректно, туку дека сум директно вклучен во културата. Како редовен професор на Интернационалниот универзитет Еуропа Прима имам задоволство да работам со млади луѓе, идни актери, кои ги водам и едуцирам како да развијат вештини со кои ќе можат, она што го носат како уметност во себе, да го претстават во еден сложен механизам именуван како театарско уметничко дело, односно, претстава. Од 2013-та до 2017-та бев директор на Драмски театар Скопје со што имав можност да ги креирам политиките на една од најзначајните, би рекол култна, културна установа во Република Македонија, но и на Балканот. Од тука, ценам дека имам знаење и искуство кое е практично применливо и во работата на локалната самоуправа, знаење и искуство кое ќе придонесе за една поинаква културна политика на општина Карпош за граѓаните на општината. Причините за мојата кандидатура за советник во општина Карпош се бројни, но мотивот е само еден – да дадам свој личен придонес во развојот на општината, а особено во најзапоставениот сегмент од општинското делување – културата!
*Опишете ни го Вашиот генерален концепт и идеите кои ќе ги понудите, од оваа област?
-Концептот е многу едноставен- Култура за секој жител на Карпош, согласно личните афинитети и потреби. Посебен акцент мора да се стави на едукацијата и поттикнувањето на децата (од најрана возраст) и младите до 18 години за практикување на културата. Од тука почнува сè. Невозможно е говориме за култура, а особено не за уметност, доколку не ги задојуваме младите генерации со потреба за продуцирање, но и конзумирање на уметност. Поттикнување на креативноста и целосна слобода во изразот за младите генерации. Само така ќе создадеме слободоумни самомислечки битија кои ќе го движат општеството напред. Проекти и идеи има многу, прашањето е само на волја и посветеност тие да заживеат во реалниот живот.
*Според Вас, колку од општинскиот буџет годишно би требало да се издвои за таа намена?
-Ако ги разгледате буџетите на општина Карпош за изминатите четири години, ќе видите дека издвојувањата за културата се сведени на промили од општинскиот буџет. Ако дополнително обрнете внимание кому се доделувани тие смешни средства, ќе сфатите дека целата приказна е на една бесрамна релација партија – поединец. Срамно! И недостоинствено! Би ги посочил и точните бројки, но сметам дека тие се навреда за секој еден кој се бави со култура. Интенцијата на Советничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За обнова на Македонија“ за општина Карпош ќе биде веќе во првиот буџет за 2022 година да се обезбедат средства за културата кои ќе соодејствуваат најмалку со процентот кои државата ги одвојува за култура на национално ниво.
*На Скопје неодложно му треба голем културен центар: модерен, функционален, сенаменски, претставителен. Сите љубители на културата го чувствуваат тоа. Градоначалникот во овој мандат, господинот Петре Шилегов, најави минатата година на премиерата на филмот” Хомо” на покривот на ГТЦ, токму таму да се направи таков стаклен центар, што навистина звучи доста примамливо. Вам како ви изгледа оваа идеја, или имате некоја друга, особено која би се однесувала за Вашата општина!
-Не сум фан на луѓе кои само констатираат состојби, а ништо не преземаат за решавање на истите. Во Скопје недостасуваат – не еден, не два, туку најмалку десетина простори кои би биле некакви културни жаришта во градот. Пред неколку години, со голема возбуда читав еден магистерски труд од Градежниот факултет, во кој беше пренаменета поранешната фабрика „Купром“ во Културен центар. За жал, возбудата остана само на прочитаниот труд, не видовме реализација, не се случи културен центар. На жителите на Скопје и на Карпош треба да им стане јасно дека секој атрактивен простор во градот попрво ќе биде регулиран како простор за изградба на згради и молови, нешта од кои некој дебело ќе профитира на сметка на граѓаните и општото добро, отколку да се изгради или да се пренамени во културен центар. Затоа, борбата останува кај граѓаните. Или ќе се изборат за задоволување на сопствените потреби, во случајов културни, или некој ќе се богати на нивна сметка. Сè е многу поедноставно отколку што изгледа и е сведено на или – или ситуација.
*Неизбежно е во еден ваков, сепак релативно мал простор (Град), да се соочуваме и со мешање на културата со квазикултурата. И со тоа, да се расипува убавото. А кај нас мислам сосема и се запоставува супкултурата, која најчесто е двигател и погон на нови идеолошки процеси. Последнава деценија пак урбаната култура е на “мускулите на ентузијасти”. А главен град без урбана култура, го губи својот урбан статус , зарем не? Ве замолувам за Ваша визија околу тоа.
-Не дека Вие не сте во право, но јас не би се согласил до крај со Вашето тврдење. Во времето на пост-постмодерната имаме ли прецизна дефиниција што е тоа култура и уметност?! Или, да го поедноставам моето прашање, знаеме ли ние кој е тој и што е тоа што утврдува што е тоа убаво и вредно, а што не е? Проблемот е многу покомлексен и е во тесна релација со креирањето на политиките за култура на државно ниво. Прво, имаме ли ние концепт за тоа што е македонска култура?! Проблемот на македонската култура е немањето главен тек (mainstream) во културата. Инаку, да, согласен сум дека урбаната култура е оставена на неколкумина ентузијасти кои на мускули и речиси без никаква поддршка ги бијат сопствените битките со македонските ветерници.
*Не може да се избегне и констатацијата дека културата е маргинализирана, од една страна, а и узурпирана од друга, со фактот дека одредени шеми постојано наоѓаат начини како да го земат оно поголем дел од буџетите, а да не направат нешто многу значајно. Како ќе се заштитите од притисоци на луѓе од културата и сцената, поврзани во шеми, врз Вашата работа или врз работата на комисии, институции?
-Многу едноставно. Со чесност, транспарентност и отчетност. Факт е дека секогаш има повеќе апликанти за проекти од средства кои можат да ги задоволат сите потреби. Затоа нужно е да се создадат реални критериуми кои ќе бидат исти за сите и по кои комисијата ќе работи. Згора на ова, предвидуваме работата на Советот и на комисиите да одат on-line, во живо на некоја платформа од каде што секој еден заинтересиран жител на Карпош ќе може да ја следи работата на советниците. Времето во кое под рака се доделуваа пари за проекти мора да остане зад нас. Во спротивно, ние ќе останеме зад времето во коешто живееме.
*Во Карпош често се случуваат настани, таму е и легендарниот Драмски театар, вашиот професионален дом. Што би задржале од постоечката културна понуда, а што би менувале?
-Често – можеби, но не пречесто – сигурно.

За жал, објектот на „мојот театар“ се соочува со забот на времето и се плашам дека во скора иднина Карпош, Скопје и Република Македонија ќе останат без ова култно место. Драмски театар е времен објект, пуштен во употреба на 4 март 1965 година со премиерата на „Богомилска балада“. Но, тоа е тема за Министерството за култура и власта на централно ниво. Нужно е возобновување на сите културно уметнички секции во основните училишта, водени од наставниците по соодветните предмети од истите училишта и организирање училишни смотри и натпревари. Во еден поинаков формат би го задржал „Карпошовото културно лето“, манифестација која има сериозен потенцијал за развој. Карпош е општина на чија што територија има непроценливи културно историски споменици. Малкумина работат на туристичка промоција и економска експлоатацијана овие споменици и тоа мора радикално да се промени.
*Не е лесно мерливо какво треба да биде распределено финансирањето на културата, но некои параметри мора да се следат. Просто речено, тоа се гледа од самиот факт што потребата на народот за културата прекинала или е значително намалена. Вие, каде го лоцирате проблемот за намалениот интерес?
-Во образованието. Овде не мислам само на училиштата, туку и на сите чинители на културата во државата. Ќе Ви посочам едно истражување кое како директор на Драмски театар го правев за потребите на установата. Имено, немавме објаснение како до 1999 година НУ ДТС имал константно ист или приближно ист број на посетители на театарот по сезона, а од 2000 година наваму бројот е во константно опаѓање. Заклучокот беше многу едноставен и видлив. До 1993 година ДТС имал најмалку по една претстава за деца и младинци, а во годините пред тоа и по 3 до 4. Со овие претстави за деца и младинци самиот театар ја воспитувал сопствената публика и им создавал навика на децата и младинците да доаѓаат во ДТС. Значи, нужна е едукација и стекнување на навика за посета на културните случувања.
*Според Вас, недостига ли една голема централна културно музичка манифестација, некој фестивал, настан, нешто што ќе му даде силен печат на Вашата општина, и препознатливост?
-Таа улога во општина Карпош ја имаше „Карпошовото културно лето“. Можеби не секогаш со најсоодветни содржини, но ја имаше. За жал, во последните четири години „Карпошовото културно лето“ беше сведено на партиска забава, па бевме приморани да го„кренеме“ „Карпошово културно востание“, манифестација која, без ниту еден денар поддршка од никого, понуди дополнителни содржини во културното живеење на Карпош и овозможи претставување на некои уметници кои, за жал, од некоинеуметнички причини беа маргинализирани во изминатите 4 години. Исто така, идниот градоначалник на Скопје, г-ѓата Данела Арсовска во својата програма најави по еден голем фестивал во секој месец од годината во град Скопје. Искрено се надевам, но и ќе работам на тоа, барем 2 од тие фестивали да се одржуваат во општина Карпош.
*Скопскиот ноќен градски живот во осумдесеттите и во деведесеттите беше поим за урбана култура. Кои се Вашите најголеми впечатоци од тоа време, што би вратиле повторно од сето тоа, кога би можеле?
-За волја на вистината, повеќе во 80-тите, отколку во 90-тите. Но, јас не би вратил ништо од тоа. Зошто?! Затоа што она што јас би го вратил би била само една обична носталгија и жал за една младост. Напротив, јас сакам да работам на тоа младите генерации да го создаваат свој автентичен живот, своја автентична урбана приказна и култура која ќе биде својствена само и само на нивниот стил и начин на живеење. Имаме прекрасни, инвентивни и образувани млади луѓе, да им подадеме рака и да им овозможиме самите да си го трасираат начинот на живеење. Се разбира, ова не значи дека ние, повозрасните, треба да се откажеме од нашите животни стилови, навики и погледи како ние ја разбираме урбаната култура, но значи дека треба да се отвори простор и за оние кои доаѓаат по нас.

Валентина Ѓоргиевски Парго

(Текстот е некомерцијален, Редакцијата е отворена за разговор за културата со кандидатите за градоначалници и советнички листи на сите општини)

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.