„Дидактика на родители“ е трета по ред научно-стручна публикација од универзитетскиот професор Деан Илиев. Книгата е во издаваштво на „Европа 92“ Кочани, уредник на книгата е ред. проф. д-р Даниела Андоновска-Трајковска од Педагошкиот факултет – Битола, а рецензенти се ред. проф. Вера Радовиќ од Учителскиот факултет во Белград и ред. проф. д-р Сузана Никодиновска-Банчотовска од Педагошки факултет „Св. Климент Охридски“ – Скопје при Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Скопје.
„Дидактика за родители“ од ред. проф. д-р Деан Илиев е прва публикација од овој вид во нашата земја и пошироко, затоа што до сега дидактиката како теорија на учењето и поучувањето била наменета само за реализаторите на воспитно-образовниот процес. Ваквиот наслов и содржина која во основа ги имаат дидактичките прашања и нивните теориски и практични одговори, совети и решенија, во исто време шокира во позитивна смисла, интригира и предизвикува размисла. „Дидактика за родители“ е водилка и упатство за родителите во спознавање на улогата на наставниците, училиштето и државата во развојот на детето, а во исто време се очекува оваа книга кај родителите да развие критички однос кон сопствената улога во училиштето и надвор од него. Во центарот на книгата е родителот, а целта е да се зголеми учеството на родителите во процесот на поучување и учење. Од друга страна, книгата претставува можност искусните наставници да ги освежат своите знаења од дидактиката, да ги откријат иновациите во дидактиката како наука, но и да ги разберат и искористат современите компетенции на родителите како партнери во процесот на поучување. Книгата е можност идните наставници да ги прошират дидактичките знаења, да ја прифатат улогата на родителите во поучувањето и учењето, да научат да дизајнираат облици на соработка во поучувањето и учењето и да ги користат на соодветен начин личните, социјалните и професионалните капацитети на родителите при поучувањето. Со оваа книга, ученикот во родителот добива и модел на учење и родител по мерка. Книгата „Дидактика за родители“ е создадена врз основа на нова таксономија на цели, за првпат применета во учењето на родителите, а со имплементација на предложените форми за работа се создаваат основи на здружување на родителите во родителски здруженија кои организирано ќе работат на унапредување на развојот на нивните деца. Оваа книга е вовед во создавање на курикулум за родители, нешто што е следен проект на Илиев.
Деан Илиев е доктор на педагошки науки и редовен професор по предмети од областите: Педагогија, Социјална педагогија и Образование на возрасни (Перманентно образование) на Педагошкиот факултет – Битола, при Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола каде работи од 1999 година. Ментор е на поголем број кандидати на магистерски и докторски студии на Педагошкиот факултет – Битола, а соработува и со невладиниот сектор, реализира обуки за учење на возрасни, обуки за родители, обуки за професионален развој на наставниците и воспитувачите. Бил координатор, раководител и учесник во многу меѓународни и домашни, апликативни и научно-истражувачки проекти, на голем број конференции, а има објавено и научни трудови и статии во реномирани научни списанија индексирани во WEB of Science и SCOPUS. Автор е на две значајни публикации и тоа: Иницијалното образование на наставниците од основното образование (компаративна студија за Македонија и Англија) (1996, Битола: Факултет за учители и воспитувачи), и Акциони истражувања во образованието (2006, Битола: Педагошки факултет-Битола). Раководител е на студиската програма Социјална и рехабилитациска педагогија на Педагошкиот факултет- Битола од 2016 год., член на Управниот одбор на Македонското научно друштво Битола (2014 – 2020), потпретседател на Македонското научно друштво Битола (2016 – 2020), член на Одборот за акредитација и евалуација на високото образование во Република Македонија (2015 – 2019), член на Комисијата за самоевалуација на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола од 2015, член на Уредувачкиот одбор на меѓународното списанието „Иновације у настави“ кое го издава Учителскиот факултет во Београд, Србија од 2013, Евалуатор на Еразмус + проекти (2014 – 2017), рецензент на значајни научни меѓународни списанија, обучувач во програмата за обука на директори при Државниот испитен центар (2020-2021), член на комитетот за менаџмент на COST project CA18115 – Transnational Collaboration on Bullying, Migration and Integration at School Level, Funded by EU од 2019.
Излезе од печат книгата „Дидактика за родители“ од Деан Илиев
куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени
со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски
текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски
содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се
цитира.