На 8 октомври со почеток во 19 часот во Музејот на македонската борба ќе се одржи електроакустичен концерт со премиерна изведба на музика од композиторката Ана Пандевска, а во изведба на флејтистката и вокал Билјана Камчева.
Музиката е создадена во текот на 2021 година и содржи четири композиции со наслови: „Perseid meteor rain”, „Dystopian illusion”, „Seeking Peace”, „Butterfly Effect”.
Билјана Камчева е редок пример на млад музичар активен со два профили на изведба, како флејтистка и соло пејачка. Дипломира како студент на својата генерација (2015) и магистрира (2017) на ФМУ- Скопје, во класата на проф. Страшо Темков. Ректорот на УКиМ во 2015 г. и доделува посебна пофалница за постигнат најдобар успех во студирањето (флејта). Паралелно со студиите на одделот флејта, студира и на студиската програма за соло пеење во класата на проф. Марија Наумовска и дипломира во 2016 г. Во 2015 г. ја добива и стипендијата „Петар Стаматов” која ја доделувa УКиМ на своите најуспешни студенти. На сцената на МОБ дебатира во 2016 година со улогата на Јенте во мјузиклот „Свирач на покрив”. Како концертен солист со оркестарот на МОБ настапувала во 2014 и 2016 г. Bo 2019 г. дебитираше во барокната опера “Дидо и Енеј” од Хенри Персел, во улогата на втората вештерка. Од 2019 година, Камчева е најмладиот почесен член на Фондацијата Томислав Зографски. Била дел од семинари и мастер часови со: Е.Пауд, Н. Конти, П. Данаилов, Г. Гучев, Љ. Јовановиќ, Л. Леваи Аскин, Д. Гавриќ, Е. М. Тонеман, Б. Превишиќ, И. Дурловски, К. Ш. Зупан… Во 2019 г. Камчева ја освојува втората награда на Меѓународниот натпревар Балканска Романсијадa, во Софија, Р. Бугарија. По натпреварот, доби покана да настапи на концертот “Ѕвезди на руска романса”, во Кремељскиот Дворец, во Москва, како претставник на Македонија. На концертот настапи заедно со рускиот тенор и флејтист со светска слава Алексеј Кудрја, под диригентската палка на Дмитри Дмитриенко. Во март 2020, Камчева настапи со оркестарот Симфониета Враца од Бугарија под диригентската палка на Маестра Николета Конти (Болоња, Италија). Во 2020 г. ја добива и првата награда на маѓународниот натпревар организиран од “Уметничкиот Центар Владимир Кудрја” од Москва, Русија, во категорија соло пеење. Активно настапува на концерти на фестивалите „Есенски музички свечености” ДMM; „Охридско лето”; „Скопско лето”; како солист со Македонска Филхармонија; МОБ (2008, 2014, 2016) со камерниот оркестар „Солисти на ФМУ”; со Симфонискиот оркестар на ФМУ – Скопје, била дел од оркестарот F.A.M.E.’s-Film and music recording company како и од Ревискиот Оркестар при Македонската Телевизија. Била член на хорот “Драган Шуплевски”, на женскиот хор „Св. Злата Мегленска”, настапила на сцените во Москва, Рим, Фиренца, Софија, Белград, Приштина… М-р Билјана Камчева е вработена на позицијата хорист во Националната опера и балет, член е на Дувачкиот Оркестар на град Скопје како прва флејта и е член е на Хорот „Св. Климент Охридски” при Соборниот храм во Скопје.
Ана Пандевска е родена 1985 година во Скопје. По завршувањето на средното образование во МБУЦ ,,Илија Николовски Луј” во Скопје, добитник е на стипендија за двомесечен престој во САД, во,,Interlochen Arts Camp” на отсекот за композиција. Студиите по композиција на Факултетот за музичка уметност ги започнува во класата на проф. Гоце Коларовски, а продолжува кај проф. Јана Андреевска во чија класа дипломира во 2010 година. Пандевска пројавува интерес за вокалната музика, фолклорот и џезот што се чувствува како инспирација во дел од нејзините композиции. Во последните неколку години истражува во областа на електро-акустичната музика. Како редовен член на СОКОМ добитник е на повеќе награди за класична композиција. Пандевска е активна како композитор на програмите на македонските изведувачи. Од 2015 година па до 2021 редовно повеќе пати годишно има изведби на нејзините композиции од разни ансамбли и соло изведувачи. Во 2020 година пијнистката Ема Попивода со својата пијано класа одржа целовечерен концерт со музика на Ана Пандевска со изведба на циклусот “Во светот на чудата” музика за деца за пијано и трака, кој беше стримуван онлајн. Во 2020 година на платото пред МКЦ пијанистката Дуња Иванова одржа електроакустичен концерт каде во втората половина од концертот се изведуваше музиката за пијано и трака на Ана Пандевска во траење од половина час, концертот беше стримуван онлајн. Во 2020 година на фестивалот ДММ имаше 3 изведби на нејзини композиции од домашни изведувачи како и од Францускиот гитарист Роман Петиот. Истата година имаше светска премиера на нејзината композиција “Carousel” за пијано и трака во Детмолд, Германија од пијанистката Хајди Елзесер. На почетокот од 2021 година Пандевска е селектирана со нејзина композиција за пијано и трака “Кристални капки” од страна на “Bold City Contemporary Ensemble” за изведба во MOCA (The Museum of Contemporary Art) Jacksonville Gallery in Florida, USA. Во 2021 исто така беше избрана на натпревар по композиција меѓу три најдобри од страна на NIZCO MUSIC. Во март 2021 нејзината композиција Електроакутична симфониска поема “Скопје” ја доживеа премиерната изведба со оркестарот на Македонската филхармонија и диригентот Тимоти Редмонд. Во 2021 СОКОМ го издаде нејзиното прво авторско ЦД. Автор е на солистички,камерни и оркестарски композиции. Изведувана е редовно во земјата и странство.
Концертот е дел од годишната програма на Министерство за култура на РСМ за 2021 година.
На 8 октомври електроакустичен концерт на Ана Пандевска и Билјана Камчева
куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени
со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски
текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски
содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се
цитира.