Кинотекa продолжува со својата ФИЛМСКА УЧИЛНИЦА – проект за креативна едукација од областа на филмот и аудио-визуелното наследство, наменет за ученици од средните училишта.
„Гледај филмови, учи и создавај“ е мотото на нашата интерактивна филмска училница преку која учесниците ќе можат да се запознаат со националното аудио-визуелно културно наследство, со основите на филмскиот јазик и ќе имаат можност за креираат свои, авторски филмски етиди, инспирирани од богатата ризница на македонската кинематографија.
Идејата на проектот е подигнување на свеста на младите луѓе за значењето, вредноста и влијанието на националаното аудио-визуелно наследство, поттикнување на истражувачко љубопитство, запознавање со вештини за истражувачка работа, со идеја за нивно вклучување во откривање на нови аудио-визуелни материјали од локални и приватни архиви, како и развивање на имагинацијата за создавање на лични аудио-визуелни приказни, инспирирани од историјата на македонската кинематографија.
Годинава иницираме и нов проект Филмска училница за наставници и професори, и првата филмска училница ќе биде наменета за нив.
Проектот почнува 16. октомври и ќе трае 10 недели.
Филмските училниците ќе се одвиваат секоја сабота во просториите и киносалата на Кинотеката, ќе има 5 школски часа посветени на една тема, а ќе се состојат од предавања, вежби и креативни работилници, гледање филмови и дискусии. Предавањата ќе бидат реализирани од филмолози од Кинотека и филмски професионалци.
Идеен творец на целиот проект е режисерката Марија Џиџева, која воедно ќе биде и координатор и модератор на предавањата.
Со проектот „Филмска училница: гледај филм, учи и создавај“ ги отвараме портите на филмскиот архив на Кинотеката со што на младите им го приближуваме филмското наследство, а преку гледање филмови, интерактивно учење и креативно дружење ги инспирираме да стекнуваат знаења, откриваат нови светови и со канализирање на сопствениот израз да создаваат свои дела.
Проектот е финансиран од Министерството за култура на Република Северна Македонија.
Во Кинотека шест недели обука со “Филмска училница”
куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени
со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски
текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски
содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се
цитира.