Во издание на МАНУ и „Матица македонска“ излегоа од печат романите коишто академик Божин Павловски ги создаде во татковината.
Романот „Миладин од Кина“, со кој на 25-годишна возраст во 1967 година ја освои сојузната награда „Младост“ во Белград, Србија, е проследен со поговор на академик Влада Урошевиќ.
Со романот „Дува. Проклетства“, освојувач на Рациновото признание, е приложена обемна студија на академик Гане Тодоровски.
Романот „Црвениот хипокрит“ награден со „Гоцева повелба“ е придружен со есеј на академик Георги Старделов.
Најнаградуваниот роман во опусот на Божин Павловски, „Уткини соседи“, за кој добил сојузна награда „Железара Сисак“ во Хрватска, награди „Стале Попов“ и „Кочо Рацин“ во Македонија, содржи инструктивен есеј на академик Катица Ќулавкова
Петтиот том од оваа едиција, “Враќање во сказните”, е придружен со есеј на академик Матеја Матевски.
Со овој потфат МАНУ и „Матица македонска“ го заокружија издавањето на собраните романи на академик Божин Павловски во 22 тома (8.624 страници). Во минатите две години беше објавена едицијата „Романи создадени отаде морињата“ во 17 тома, проследени со исто толку есеи на угледни книжевни авторитети.
Академик Божин Павловски веќе 33 години живее во Македонија и во Австралија, каде што е претседател на Бордот кој на англиското говорно подрачје, во печатена и дигитална верзија ги издава двата македонски неделни весника: „Австралиско Македонски Денес“ (Australian Macedonian Today) и „Австралиско Македонски Неделник“ (Australian Macedonian Weekly)