„Вечери на женски права” е настан кој од 2010 година традиционално се организира на различни локации во Скопје и нуди алтернатива за прославувањето на Меѓународниот ден на жената – 8ми Март. Овогодинешното издание на „Вечерите”, следејќи ја глобалната состојба со ковид-19 и здравствените препораки, се одржува во хибриден формат, комбинирајќи настани кои во текот на март се одвиваа онлајн и со физичко присуство, како и филмски проекции кои ќе се одржат од 14 до 16 мај во Кинотеката на Македонија.
Во рамките на филмската програма на дванаесеттото издание на „Вечерите на женски права”, во период от од 14 до 16 мај 2021, со почеток од 20 часот, во летното кино на Кинотеката на Македонија, ќе се одржат проекции на три документарни филма. Влезот на проекциите е бесплатен, а во случај на дожд, проекциите ќе се одржат во кино салата на Кинотека.
14.05.2021, 20:00ч – „ФОРТЕ”,
Режија: Дејвид Донели / 2020 година / 60 мин /
Аргентина, Франција, Германија, Норвешка, Португалија, Русија, Велика Британија, САД
Форте е колажен документарен филм кој ги предизвикува популарните, но застарени поими за успех во класичната музика преку брз наратив на три жени уметници: Татјана Берман, Лусија Карузо и Елдбјерг Хемсинг. Нивните приказни се контекстуализирани со искрени коментари од некои од најдобрите светски класични музички личности, вклучувајќи ги Пааво Јарви, Тан Дан, Јо Ан Фалета и Ксенија Башмет
15.05.2021, 20:00ч – „Денот на жената”,
Режија: Долија Гавански / 2019 година / 85 мин /
Велика Британија и Русија
Воодушевувачки приказни на жени од СССР – пионери и преживеани – кои ги откриваат своите животи од револуцијата во 1917 година до денес. Интимна, изненадувачка, смешна, ексцентрична, болна и контрадикторна – ова е непозната историја на рускиот феминизам.
16.05.2021, 20:00ч – “Тоа е тинејџерски свет – Вмрежени за секс, лаги и игри на моќ”,
Режија: Лин Глазиер / 2009 година / 45 мин /
Канада
Внатрешен поглед на културата на сексуално вознемирување и малтретирање широко распространета помеѓу тинејџерите денес. Овој уникатен филм ја испитува цената што адолесцентите, особено девојките, мора да ја платат за да бидат кул и популарни во нашиот храбар нов вмрежен свет.
Овогодинешното издание на „Вечерите на женски права” е организирано од страна на Институтот за човекови права и Авард филм и видео, со поддршка на Град Скопје и канцеларијата на UN Women во Скопје, под глобалната тема за одбележување на 8 Март: „Жени во лидерство: остварување еднаква иднина во свет на ковид-19″.