Секој ден ново безумие на оние кои во овој период го креираат општественото и политичкото функционирање на државата и народот а кој за жал во многу голем процент ја зафаќаат најмладата, најранливата и најважната популација на секое општество а тоа се децата и младите.
Деновиве најбезумниот, досега (оти се чини дека нема крај на дното кое можеме да го допреме како држава), предлогот од актуелната Министерка за образование, за жал подржан од нејзиниот тим за реформи во образованието, децата од 4 одделение па се до крајот на средното образование да НЕМААТ УЧЕБНИЦИ.
На секој разумен човек му треба време да го прими ова како реалност, затоа што ни малку несоодветствува на она што значи образование, воспитание и однос кон книгата (учебниците) како основа за описменување, проширување на знаењата и изградување на една личност.
Нема да навлегувам во тоа колку актуелната министерка знае и дали ова го прави со единствена цел –уништување на главната оска на секое општество а тоа е образованието. Најверојатно и таа ја слушнала некаде познатата мисла „Ако сакаш да уништиш една држава, уништи и го образованието“ , и во целото ова не-битисување на нашево македонско тло во последниве четири т.е. 30 години, мислам дека и не сме далеку од оваа вистина.
Дека мора да има пишани документи, книги, знаеле и оние од праисторискиот период кога со камен и дрво оставале свои траги на живеењето. Дека од Гутенберговата печатница па до денес, мирисот на печатената хартија и она што таа го носи во себе напишана од поединци, групи или колективна свест е меѓу највредните богатства во човековиот живот е факт. Не залудно некои ја споредуваат книгата со највредните богатства и е клуч со кој можете да ја отворите секоја врата.
Во современиот интернет живот, благодарение на google, социјалните мрежи, Википедија и што ти уште не, со еден клик можете да добиете безброј информации. Но, тоа никако не може и не треба да биде замена, за во овој случај учебниците на децата и младите во Македонија. Да не се заборави дека скоро 50 % од учениците во државава и немаат интернет дома ниту пак свој компјутер.
Ковид пандемијата измести многу нешта во нашите животи на кои треба да се прилагодуваме, но не смее да се оди во безумие, кое несоодветствува со потребата од важните нешта во развојот на младите.
Згора на се, за мала споредба и да не биде Финска повторно, еве со било која земја, на пример Холандија , каде буквално секое дете има пристап до интернет, свој персонален компјутер, лап топ или таблет , каде училиштата се чисти, уредни згради кои го заменуваат неколку часа во вистинска смисла домот на децата , никому ама никому не дојде на ум да ги укине учебниците, т.е. децата да учат од компјутер а кој нема или не сака, родителите да му го ИСПРИНАТААТ.
Е ова ИСПРИНТААТ претставува најголемото скрнавење на она што книгата-учебникот значи, на авторите кои пишуваат и целото свое знаење и труд го внесуваат во нив, на издавачите а пред се на оние кои треба да се образуваат за да станат корисни личности пред се за себе а потоа за општетството.
И уште еднаш и овој пат, реформи во образование се потребни, корекција на учебниците се потребни но не треба да ги прават приучени поединци кои од политички-ситно партиски интереси дошле на власт и мислат дека можат и треба да прават се што сакаат.
Е, затоа се потребни суштински промени во општественото уредување, па оние кои ги избира народот, да не можат да работат против нив, затоа што веќе во овој проблем нема ни партиска поделеност и припадност затоа што се работи за ИДНИНАТА, која очигледно од ситнопрофитерските гранки на поединци не ја гледаат шумата која треба да ја создадеме токму за идните генерации.
И ако треба нешто да се смени е непроменливоста на ИЗБРАНИТЕ. Тогаш актуелната министерка нема да се обраќа до родителите и наставниците со изјави од типот: “Ако не ви се допаѓам како министерка направете си во 3Д каква сакате, туку истата по барање и заради незадоволство на народот ќе биде инстант сменета”.
Дотогаш, подршка на организираноста на родителите, наставниците, свесните граѓани и нивната цел : „УЧЕБНИЦИ И НАСТАВА МОРА ДА ИМА!“
Е, сега за оние „душегрижници„ дека училиштата ќе бидат место за ширење на Ковид опасноста, кратко: Се ќе беше поинаку ,актуелната политичка власт да не калкулираше за личен профит, со измислени фирми, лажни нарачки на вакцини, туку навистина да се погрижеше за народот и навреме да почнеше масовна вакцинација, во оваа наша, со веќе милион и пол жители т.н. северна држава. Е затоа НЕПРОМЕНЛИВОСТА е најлошата категорија во поставениот Закон за политичко функционирање, кое треба да се смени токму во интерес на идните генерации .
А дотогаш, ова безуме мора да запре. УЧЕБНИЦИ МОРА ДА ИМА А НАЕСЕН УЧЕНИЦИТЕ ДА БИДАТ ВО СВОИТЕ УЧИЛИШНИ КЛУПИ. РЕД МОРА ДА ИМА !