Масовната потрошувачка во сите области, направи вистинските уметнички, креативни и дела со вредности, многу лесно да бидат уништени од копии односно со несоодветна замена на оригиналното авторско дело.
Копиите станаа, добри копии и лоши копии (иако по оној вредносен и морален код нема добри копии), па ги имаме во уметноста, каде во светот на ликовната уметност многумина заработуваат милионски суми на лажните дела на големите мајстори на уметноста како Пикасо, Рембрант…., во музиката, која ни малку не е поштедена од напливот на копии, и тоа и од оние на класиците до оваа секојдневната рок, поп, фолк музика, каде стана секојдневие да се земаат цели музички пасуси, рефрени за да се прави лоша или пак добра копија ако во копијата има нешто добро. Ги има во литературата, филмот, архитектурата, дизајнот, модата и сите креативни уметности.
Создавањето на оригинални дела е креативна вредност на поединец или група и секогаш кога таа ќе се појави, постои наплив од воодушевувања кај масата, одобрувања, нејзино раскажување, прераскажување и живеење.
Тоа се случува и во областа на филмот и телевизиската продукција. Светот го има ставено во законски регулативи авторското право, кое е исклучиво без временска и просторна рамка само на авторот и со тоа можноста легално да се земаат оригинали и од нив прават копии е ставено во минимални рамки.
Но, што се случува кога после 25 години од оригиналното создавање и постоење на бренд за почитување низ генерации, ќе го земат без никаква дозвола и консултации со оригиналниот автор и ќе направат копија и тоа ЛОША?
Тоа се случи со моето телевизиско авторско дело, музичко-играната серија „Дајте музика„. Мојата оригинална идеја ја преточив во сценарио на 10 па во продолжение уште 10 епизоди (1993-1995). Во процесот на создавање на телевизискиот продукт кој имаше голема популарност и гледаност во тие години 1993-1996 година од дури 83 % и ја гледаа од најмалите до највозрасните учествуваа повеќе сегменти. Но, авторот на идеја и сценарио бев токму јас. Ја презентирав серијата насекаде низ светот, направив уште многу тв дела но култот на оваа серија 25 години го одржував преку медиумите во јавноста и го вклучив во научен труд за „Позитивното влијание на телевизиските програми во емотивниот развој на децата од 5 до 11 години“.
Мојата идеја на средбата со пораснатите деца од „Дајте музика“ која ја остварив во мај 2018 година беше да направиме ремикс верзија на песната со спот. Средбата беше незаборавна, но идејата не се оствари затоа што од двајцата од тројца автори на песната не најдов одобрение. Иако, сум автор на идејата на серијата и сценаријата сепак го испочитував нивното авторско право како автори на песната (не ги именувам од различни причини).
И, за жал 2019 година почна снимање на продолжението на култната серија „Дајте музика“. Без никаква консултација и моја дозвола, мојата долгогодишна матична куќа МРТ со надворешна продукција (не ја именувам зошто не е достојна за тоа) сними продолжение на мојата „Дајте музика“ а 2020 уште едно. Без никаква професионална и морална почит кон мене како автор.
Судската разврска е во тек. Иако веќе Македонија има Закон за авторски права, се чини дека барањето на заштита на авторското право е долг и тежок процес, што не значи дека треба сите оштетени автори да се откажуваат. Затоа што, со овој проблем во анархијата во секоја сфера на нашето живеење се соочуваат многу медиумски работници а тешко ја докажуваат повредата на авторско право и се изборуваат за заштита на истото.
И како за крај, сепак оригиналното авторско дело создадено од оригинална идеја е бесценето. Се што ќе се копира може да биде лоша или помалку лоша копија. Во случајот на брендот „Дајте музика“ , се обидуваат да го уништат затоа што направија ЛОША КОПИЈА.
Пишува М-р Татјана Гогоска
автор сценарист на оригиналната серија „Дајте музика“