Новите дигитално реставрирани копии на македонските играни филмови „Фросина“ (1952) во режија на Војислав Нановиќ и „Мирно лето“ (1961) на Димитрие Османли, ќе бидат прикажани во рамките на втората „Сезона на филмски класици“. Организатор на овој настан е Европската асоцијација на кинотеки. Дигиталните копии на овие две врвни филмски остварувања од домашната кинематографија ќе бидат за прв пат прикажани во јуни годинава, со што ќе биде заокружен проектот .
Истовремено, со пригодна изложба и концерт на мелодии од почетокот на 1960-ите години „современици“ на дејствието на филмот, ќе биде одбележана и 60-годишнината од премиерата на делото кое се смета за прва македонска комедија.
Проектот „Сезона на филмски класици“ се одржува втора година по ред, а во него учествуваат филмски институции од Брисел, Амстердам, Париз, Осло, Торино, Лозана, Болоња, Берн, Франкфурт, Будимпешта, Лисабон, Прага, Барселона, Даблин, како и „соседите“ од нашиот регион – Загреб, Атина, Тирана, Софија и се разбира Скопје. Предвидено е помеѓу декември 2020 и јуни 2021, секоја од овие институции избраните филмови да ги презентира пред публика:„он-лајн“ или со проекција во живо, а во придружба на посебно компонирана музика или музичка изведба во живо, с разбира доколку станува збор за нем филм, или пак – надополнети со изложба, дискусија или предавање и така со ред. Конечно еден од условите е сите овие филмски архиви и кинотеки да учествуваат во проектот со свои дигитално или аналогно реставрирани филмски класици.