Топ интервју- За оние кои не можат без љубов, од која чуда се случуваат!

Топ интервју- За оние кои не можат без љубов, од која чуда се случуваат!

Разговаравме со Daisy Family Rescuе, организација која се занимава со помош, заштита и вдомување на бездомни животни. Ги споделија со нас нивните ставови, мисли, ни кажаа како помагаат а како може и сите ние да помогнеме. Прочитајте го интервјуто а на крајот ќе видите кои кучиња се во моментот за вдомување па можеби ќе се одлучите за некое и ќе го разубавите животот, и сопствениот и секако на миленикот кој го вдомувате.

  1. Кои се Daisy Family Rescue?

Daisy Family Rescue започна сосем спонатно. Се запознавме спасувајќи едно кутре од улица Дејзи (ете од каде е и името) која што ја излекувавме и вдомивме во Берлин каде сега живее како принцеза. Ние сме 4 девојки кои спасуваат бездомни животни од улица. Ги лекуваме, па потоа им бараме дом. Се стремиме и да ја поттикнеме свеста кај луѓето преку едукација и примери во врска со вдомувањето на животни, а не купување, како и да промовираме една позитивна и пред се реална слика за животните.

  1. Зашто токму организација за заштита на животните?

Секоја од нас има животинче дома, некои и повеќе од едно. Затоа и знаеме дека животните имаат чувства и емоции а тие се безгласни, и ние мораме да бидеме нивнот глас, да ги штитиме нивните права и да се бориме за нивен хуман третман . Секое едно заслужува да има дом, и ниедно животно не е по своја вина на улица гладно, болно и во опасност. Кога би можеле да зборуваат верувајте би ечел крик и плач за помош.

  1. Како вие би ја опишале ситуацијата во нашата држава со уличните животни?

Ситуацијата во нашата држава со бездомните животни во моментов е надвор од контрола. Никогаш немало толку голем број напуштени животни, од кои голем дел се и расни кучиња. Секој ден се соочуваме со труења на животните, со прегазени и потоа одминати животни оставени да умираат во болки. На секој чекор има исфрлени тукушто родени цицалчиња, кои доколку некој активист или хуман граѓанин не ги спаси не би можеле да преживеат сами на улица. Далеку од слика која доликува на една метропола во земја која стреми кон влез во Европската Унија. За хуманиот третман во таканаречените стационари низ државава и да не зборуваме. Условите се под секакво ниво за хуман и достоиствен престој и третман на животните. За жал во моментов се соочуваме со епидемија од вируси меѓу кучињата кои доколку не се третираат умираат. Најголем дел од овие заболени животни излегуваат токму од стационарот во Скопје – Вардариште. Тука не смеат да се заборават случаите со организирани борби на кучиња, за кои многупати се информирани надлежните и поднесени пријави, но како за трујачите така и за овие никој не сносил никаква кривична одговорност.

  1. Кај кого ја гледате најголемата вина за големиот број животни на улица?

Ова е еден обемен проблем, чиј причинител не е само еден фактор. Под број еден дефинитивно сопствениците на миленици кои земаат животинче дома кое по некое време поради X-причини решаваат дека не можат повеќе да го чуваат и го исфрлаат на улица. Следно се исто така сопственици кои одбиваат да ги кастрираат и стерилизираат своите миленици, за потоа кога женката ќе роди неколку мали, истите тие да ги исфрлат на улица, со што бројот на животни прогресивно расте, бидејќи потоа истите тие женски единки доколку не се стерилизираат раѓаат мали и тоа два пати во годината, и тој круг оди во недоглед. Огромна вина секако постои и во државата и самите институции меѓу кои и Агенцијата за Храна и Ветерина, кои ретко реагираат во случаи на неодговорно сопствеништво, напуштање миленик, не контролирана продажба на миленици од не регистрирани одгледувачници, не хуман третман и кршење на законот за благосостојба на животните.

  1. Според вас кој би бил најефикасниот начин за да се стави под контрола состојбата во која сега се наоѓаме, за доброто на сите и луѓето и животните. Дајте ни некој пример од другите земји како тие се справуваат со ваквите ситуации?

Веруваме дека е еден добар почеток задолжителното чипирање на милениците, со што ќе се има контрола врз тоа кој е сопственик, и доколку некој го исфрли миленикот ќе сноси соодветна одговорност и казна. За жал во пракса би требало да функционира беспрекорно, во целост да се почитуваат и спроведуваат законите за да има некаков вистински ефект. Следно е да се промовира вдомување, а не купување. Како и промовирање на стерилизација и кастрација, а доколку некој не би сакал да го стори тоа, да биде регистриран како одгледувачница со што повторно ќе се има увид и контрола во тоа кој се има репродуктивно способна единка и создава потомок, кој во ниеден случај не смее да заврши на улица. Во спротивно да се казнуваат сите кои нема да ги почитуваат законите. Во европските земји е многу нормално и воопшто не е невообичаено да се вдомуваат животни од стационари. Затоа веруваме дека ни се потребни стационари кои ќе бидат раководени од хумани и пред се луѓе љубители на животни, каде животните не само што ќе бидат кастрирани или стерилизирани, туку и ќе се прават напори за наоѓање на соодветни домови за нив, ќе се вакцинираат и против сите заразни болести и ќе се работи на една позитивна кампања за поттикнување на вдомување, љубов и емпатија кон животните.

  1. Дали има подобрување во ставот на луѓето кон уличните животни?

Секогаш ќе има луѓе кои не сакаат животи и тоа е во ред. Нашата мисија е да им покажеме и на тие луѓе, дека и ние сме со иста цел како нив, да нема бездомни животни на улица, со тоа што ние би сакале на сите да им најдеме топол дом, и со нив да се постапува хумано. Затоа често се обидуваме да најдеме и заеднички јазик со оние кои не се доволно информирани и едуцирани за тоа зошто животното е на улица, зошто понекогаш кога е гладно или тепано знае да изреагира со одреден степен на агресија, па кога ќе им објасниме почуваат да гледаат од поинаков агол на бездомните животни. Има се повеќе и повеќе активисти кои помагаат на безгласните, што е навистина прекрасно и за поклон. Има се повеќе граѓани кои сакаат да вдомат, сакаат да помогнат , да волонтираат и се информираат и решаваат на стерилизација и кастрација, што во минатото биле непознати поими за повеќето. Така што генерално има напредок во ставот на луѓето кон бездомните животни на подобро, но за жал како што кажавме погоре, бројот на оние на улица е навистина зголемен во однос на минатото.

  1. Како делува Daisy Family Rescue?

Делуваме волонтерски, со тоа што секако за да може да спасуваме и лекуваме животни потребни се доста финансии. Дел од средствата ги покриваме сами, но секако не можеме се, затоа и продаваме производи во замена за сто процентна донација за животните, кои најчесто се рачно изработени како марами за кученца, платнени торби бидејќи сакаме исто така да промовираме да не се користат пластични кеси и пластика воопшто, привезоци, беџови и разни аксесоари за љубителите на животни. И секако огромен број на хумани и прекрасни граѓани донираат за животните за што сме им бескрајно благодарни. Откако животните се излекувани им бараме топло домче, и воедно се обидуваме преку социјалните мрежи на кои сме достапни да ја прикажеме реалната слика за бездомните животни во земјава, да промовираме вдомувања, да инспирираме со среќни приказни, да помагаме со совети и на други активисти. Нашите најактуелни активности траеа повеќе од 6 месеци, кога секоја сабота одевме и го посетувавме стационарот вардариште во Скопје, каде ги раневме, терапиравме по потреба животните и на многу од нив им баравме дом. Сметаме дека со нашето постојано присуство таму и пренос на состојбата, голем број на граѓани, активисти и засегнати ја дознаа и видоа вистинската, катастрофална и крајно нехумана слика за стационарот, кој помеѓу нас активистите е познат како логорот Вардариште. Воедно имавме доста среќни вдомувања од таму, како и извадени животни кои се лекуваат и им е дадена нова шанса за живот од страна на активистите. За среќа стационарот се дезинфицира во моментов и се надеваме на реконструкција, хумани и љубители на животни како вработени, многу подобри услови и еднаш за секогаш хуман третман кон животните во истиот.

  1. Како може да помогнат сите оние кои се заинтересирани за тоа?

Секој кој сака да помогне на бездомните, може да волонтира при некоја од нашите акции, да донираат храна, лекови, да ги споделуваат кученцата на кои им бараме дом. Секако може да ни пишат на facebook Daisy Family Rescue, на инстаграм daisyfamilyrescue или да ни испратат e-mail на нашата адреса [email protected]. Ќе бидеме среќни да им одговориме и по детално да ги запознаеме со нашата работа и акциите како и кученцата за кои се грижиме и им бараме дом.

  1. Сега бараме дом за….

Шарко, кој беше најден пред една година на улица удрен од кола, тотално неподвижен и со скршена кичма. Моментално оди, со помош на протеза која ја набавивме од Шпанија, е најголемото гушкало и џентлмен и бара дом исполнет со љубов и разбирање, некој кој ќе го прифати каков што е и ќе ја види љубовта во неговото големо срце.

 

Вера, исто така најдена пред една година на улица удрена од камион, неподвижна и со шуга. Долго време неможеше да стапне на едната нога, со многу грижа терапии и физички вежби и активност Вера оди и трча како најсреќното куче на светот. И бараме дом во кој ќе биде доста активна бидејќи има енергија да го изоди целиот свет и ќе биде сакана како принцеза, каква што е.

 

Чедо, нашиот херој, нашето глуво најмило куче, кое го кренавме од мртвите. Тукушто пуштен од Вардариште со вирусот штенечак, неможеше да дише ни јаде, се лекуваше со месеци, а сега прерасна во еден уникатен и прекрасен кутрак, кој иако ништо не слуша, го впива и дознава светот преку сите други сетила и е доказ за тоа дека секој заслужува шанса и секој живот е важен. А ние знаеме Чедо ќе најде дом, бидејќи во срцето има толку многу љубов. И да веруваме во сродни души.

Флафи, заловена од вардариште на пет месечна возраст со нејзината сестричка и братче, истрауматизирана од хоророт таму што го преживеа толку малечка, сега е една грациозна и прекрасна убавица, со карактер како никој што сте го запознале. И бареме домче пожелно со дворче, каде ќе трча и ќе се радува на животот како што секое кутре заслужува.

 

Нора, напуштено мешанче од пудла, најдена со ремче околу вратот во катастрофални услови, со рани и стуткано крзно и скршена вилица и заби. Моментално се лекува, но уште сега е едно слатко малечко ангелче, кое бара само љубов и внимание.

 

 

 

Фрида, мајка извадена од вардариште со 11 бебиња, од кои голем дел починаа. Коска и кожа, истрауматизирана и преплашена. Кога ќе се опорави и неа ќе и бараме дом, каде конечно  ќе биде безбедна и сакана.

 

За среќа изминатата недела се вдомија уште две наши кутриња извадени од Вардариште во катастрофална состојба пред умирање, кои сега уживаат во нивните домови. Бисера во Англија, а Лавче во Франција. Во исчекување сме и Ума која исто така е од Вардариште овој месец да замине во својот дом во Англија. Среќни сме кога ќе најдат дом, среќни сме кога има хумани луѓе кои вдомуваат и на кои не им е важна расата, важна им е љубовта. Тие се нашите херои! Затоа нашето мото е:

Кога има љубов чуда се случуваат!

Ума – вдомена
Бисера – вдомена
Лавче – вдомен
куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.